Кинеската вакцина против ковид-19, развиена од компанијата Синовак Бајонтек, покажала само 50,38 отсто ефикасност во доцните фази на клиничките тестирања во Бразил, што е значително пониско отколку што покажале претходните резултати, објавија властите на Сао Паоло.
Иако ова ниво на ефикасност е доволно за одобрување од регулаторните агенции, тоа е значително пониско од претходно најавените 78 отсто. Оваа разлика во процената на ефикасноста на вакцината поттикнала сомнеж во вистинитоста на резултатите кои ги претстави Кина, пишува Си-ен-ен.
Експертите сметаат дека стапката на ефикасност на вакцината Синовак коронавак од 50,38 отсто, која е најниска меѓу светските конкурентни вакцини, би можела да влијае во меѓународната доверба во вакцините од кинеско производство.
„Институтот Бутантан и владата на Сао Паоло наведуваат дека вакцината против коронавирусот постигнала вкупна стапка на ефикасност од 50,38 отсто“, се наведува во вчерашното соопштение.
Бразил ја финализираше третата фаза на клинички тестирања на вакцината во која учествувале 13.000 здравствени работници од осум бразилски држави.
За да биде одобрена, вакцината мора да мине низ три фази клинички тестирања. Во првата фаза учествуваат помал број тестирани, обично меѓу 20 и 100 (поретко неколку стотици), и со неа се утврдува прелиминарната проценка на безбедноста и ефикасноста на вакцината. Во втората фаза ефикасноста на вакцината се тестира на поголем број луѓе, обично меѓу 50 и 300, и се анализираат различните начини на имунизација, односно примената на дозите.
Во третата фаза учествуваат најголем број тестирани – од повеќе стотици до десетици илјади, во зависност од болеста за која се развива лекот или вакцината. Во овој момент одреден кандидат се споредува со плацебо за да се утврди реалната успешност на развиената вакцина или лекот и дополнително се тестира за безбедност и се утврдуваат нуспојавите.
Овие резултати од третата фаза на клиничките тестирања покажуваат дека кинеската вакцина е помалку ефикасна од останатите вакцини кои се во моментов на пазарот. На пример, вакцините на компаниите Бајонтек/Фајзер и Модерна покажале ефикасност од околу 95 отсто.
Русија тврди дека нејзината вакцина Спутник V е ефикасна над 91 отсто, додека британската вакцина, развиена од Оксфорд и Астра Зенека, има просечна ефикасност од 70 отсто.
Вакцината на Синовак е помалку ефикасна и од другата кинеска вакцина, развиена од државната компанија Синофарм, за која тврди дека е ефикасна 99,34 отсто.