Берлин ја поздрави одлуката на Бајден да не ги повлекува американските војници од Германија

Германската влада во петокот ја поздрави одлуката на американскиот претседател Џо Бајден да го запре повлекувањето на американските војници од Германија, чија цел е да се затоплат односите меѓу Вашингтон и Берлин, кои се обременети и со инсистирњето на САД да се запре речиси завршената изградба на руско-германскиот гасовод „Северен тек 2’.

„Отсекогаш веруваме дека присуството на американските сили во Германија придонесува за европската и трансатлантската безбедност“, изјави Штефен Зајберт, портпарол на германската канцеларка Ангела Меркел на редовниот брифинг со новинарите, истакнувајќи го големото значење од децениската соработка со американската војска.

Американскиот претседател Џо Бајден во четвртокот најави замрзнување на повлекувањето на американските војници од Германија, додека глобалното распоредување на воените сили сѐ уште е во тек.

Со одлуката на претходниот претседател на САД, Доналд Трамп, Пентагон ланскиот јули објави дека има намера од Германија да прекомандува 12.000 војници во Полска, поблиску до руките граници со образложение дека со тоа се јакне Источното крило на НАТО. Тој потег беше последица на долготрајната конфронтација на Трамп со Берлин поради неуспехот на германската страна во остварувањето на целта на НАТО во врска со зголемувањето на потрошувачката за одбраната.

Јужните и западните делови од Германија порано беа преплавени со американско воени бази, а според некои информации во медиумите таму беше распореден и главниот дел од стратешкиот нуклеарен арсенал на Западот.

Американските бази на германската територија потекнуваат од периодот по крајот на Втората светска војна, кога сојузничките сили ја поразија нацистичка Германија. Во моментов американски војници во Германија има многу помалку отколку во однос на периодот од идеолошката Студена војна. Пентагон има неколку значајни бази во Германија, меѓу кои е воздухопловната база „Рамштејн“ која американските сили ја користат за влегување во Европа и на Блискиот исток.