Поранешниот премиер и пратеник, член на ВМРО-ДПМНЕ, Емил Димитриев, во вчерашната дебата на „360 степени“ на „Алсат“ тема реформите во безбедносно-разузнавачкиот сектор по скандалот со масовното прислушување, зборуваше дека во последниве неколку години, за 60-70 отсто од наредбите коишто биле предмет на посебна истражна мерка не е покренато обвинение. Како што вели тој, станува збор за висок процент на наредби без никаков епилог.
-Тоа покажува дека имаме еден простор којшто е прилично дискутабилен, имаме висок процент на наредби коишто немаат никаков епилог. Очекувано би било тој процент да биде нешто помал, рече Димитриев.
Тој вели дека формирањето на Оперативно-техничката агенција е еден сегмент од целокупната реформа на безбедносниот сектор, но, според него, поважно е да има ефективна контрола и надзор над целокупниот систем од издавање на наредбата за посебни истражни мерки до реализација на наредбата.
-Нашето законодавство дава одврзани раце на собраниската комисија да прави евалуација на целисходноста од посебните истражните мерки. Но, тој сегмент не е воопшто чепнат во нашава земја. Собраниските комисии немаат ниту минимален капацитет за да направат анализи за тоа колку од посебните истражни мерки, наредби, биле со некаква целисходност, истакнува Димитриев.