Албанскиот премиер Еди Рама денеска од Лежа порача дека само прашање на ден е отпочнувањето на масовната вакцинација на населението против Ковид-19, со што, како го оцени ќе биде спасен туризмот и ќе биде голема помош за бизнисот.
Вакцината, нагласи тој, е единствената алатка, единствената „секира“ што ќе го прекине синџирот на инфекција.
-Ако извршиме масовна вакцинација во периодот од март до средината на јуни, ќе имаме туристичка сезона многу поразлична од онаа што ја имавме. Со вакцинирање на белите мантли и старите лица над 80 години започна процес на заштита, но за да го пресечеме синџирот, ќе преминеме во друга фаза. За ова ни треба друго количество вакцини. Ова е сонот што ме остава без спиење: како да обезбедиме вакцини против вирусот, изјави Рама.
Премиерот Еди Рама рече дека речиси цела Европа и светот се соочуваат со тешкотии во обезбедувањето анти-ковид вакцини и додаде дека истите е многу тешко да се обезбедат.
Одгорајќи на прашање дали Албанија ќе набави кинески и руски вакцини, тој го посочи примерот на Германија, која, според него, преговара со Кина и Русија за вакцини.
-Се е можно. Не примањето руска или кинеска вакцина не е геополитичко прашање, туку прашањето е што нема вакцини. Јас сум многу убеден дека ќе сториме нешто и ќе почнеме масовна вакцинација, рече Рама.
Од 11 јануари кога почна вакцинацијата против Ковид-19, досега во Албанија се опфатени околу 20.000 лица, здравствени работници и лица над 80-годишна возраст.