Бајден именуваше координаторка за глобална „дипломатија на вакцините“

Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден во понеделникот ја именуваше Гејл Смит за координаторка којашто ќе ја води глобалната дипломатија со вакцините против Covid-19 на САД, а на соседите и сојузниците им испраќа милиони дози од вакцината „AstraZeneca“ која сѐ уште не ја одобрува за употреба во својата земја.

Станува збор за сосема нова позиција во Стејт департментот, како што е објаснето, со цел да се забрза и зголемување на испораките на вакцините за оние земји кои ги побарале во САД.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен за „координаторка за глобален одговор“ на пандемијата на коронавирусот и здравствена безбедност во Стејт депарментот ја именувал Гејл Смит, поранешна координаторка на Американската агенција за меѓународен развој (USAID), која беше ангажирана во водењето на политиките на поранешниот демократски претседател Барак Обама во време на избувнување на епидемијата на ебола.

Блинкен изјави дека Вашингтон е свесен дека многу држави во светот бараат од САД во поголема мера да помогне околу зголемување на снабдувањето со вакцините против Covid-19, како и на нивната испорака во што е можно побрз рок.

„Веќе им позајмивме вакцини на најблиските соседи, Мексико и Канада, и ќе работиме со глобалните партнери на производството и на резервите за да осигуриме вакцини да има доволно за сите насекаде“, изјави Блинкен.

Тврдеше и дека Смит има искустава во справување со глобални здравствени кризи, вклучително и маларијата, туберколозата и ХИВ. Додаде и дека неодамна била и извршна директорка на кампањата ONE, глобална организација која работи на укинување на крајната сиромаштија и превенирање на смртните случаи од излечивите болести.

Смит изјави дека „американското лидерство е извонредно потребно, како и дека е длабоко убедена дека САД може да одговорат на предизвикот“.

САД, коишто сѐ уште не ја одобрија англо-шведската вакцина „AstraZeneca“, соопштија дека билатерално договориле дека ќе испратат околу четири милиони дози токму од оваа вакцина во Мексико и Канада.

Исто така, Вашингтон се обврзал со американските индо-пацифички сојузници до крајот на 2022 година да испорача до милијарда дози од вакцината против коронавирусот ширум Азија. Со оваа цел кон средината на март челниците на САД, Јапонија, Австралија и Индија се обврзаа на здружување на финансиските, производствени и дистрибуциски капацитети, а во рамките на неофицијалниот пакт Quad, чија цел е спречување на јакнењето на влијанието на Кина во регионот.

Со оваа иницијатива и американскиот претседател Џо Бајден се приклучи на ткн „дипломатијата на вакцините“, за што Вашингтон претходно ги критикуваше Русија и Кина со што порача дека нема пасивно да гледа како Пекинг ги испорачува своите вакцини во сите делови на светот, во прв ред во југоисточна Азија.