Поранешниот претседател Бранко Црвенковски ги искритикува актуелните власти во Македонија, велејќи дека постојано се повторува една мантра: дека друга алтернатива освен членство во Европската Унија – немаме, па прашува што во тој случај ќе направиме ние, за кои не постои план „Б“?
Црвенковски, на денешниот научен собир „Современата македонска држава – две етапи во процесот на нејзиното формирање и развој: 1941-1991 / 1991-2021 година” во организација на Македонската академија на науките и уметностите по повод 30 години независност, праша што во случај Европската унија да одлучи да нема повеќе проширување, без разлика дали ние сме ги исполниле сите услови. Дали тогаш ќе се самораспуштиме или самоукинеме? – прашува Црвенковски.
Тој смета дека во Македонија мора да се изработи платформа, национална стратегија за иднината, со која би се утврдиле насоките по кои државата ќе се движи во иднина, без разлика дали тој пат ќе заврши со членство во Европската унија или не. Смета дека би било идеално таа национална стратегија да ја изработат политичките партии, но исто така вели, дека не гледа начин, со оглед на нивните релации тоа и да го направат.
Секако, потсетува, таа национална стратегија не може да ни ја изработи некој од надвор.
Тој ја повика Академијата, Универзитетот „Кирил и Методиј“, Стопанската комора и претседателот Стево Пендаровски да покренат таква иницијатива, да ги подготват документите и да им ги понудат на партиите.
„Откако ќе се потпишат, тие ќе се обврзат на нивно исполнување и почитување“, вели Црвенковски, иако не е сигурен дали и колку од партиите ќе ја прифатат ваквата идеја.
Предлогот на Црвенковски е оваа национална платформа да се фокусира на неколку прашања: на носење на стратегија за спречување на корупцијата, којашто ќе започне од коруптивното финансирање на политичките партии.
„Под итно треба да се донесе рестриктивен закон за потеклото на имотот, кој ќе важи за сите. Потребно е да се донесе и план за рационализација на администрацијата, во кој ќе се дефинира и политиката за надворешниот долг на државата, но и да се направи сѐ земјава да ја оствари стратешката цел – да стане полноправна членка на ЕУ“, вели Црвенковски.
Македонија, според поранешниот претседател, е корумпирана држава. Дополнително, Македонија живее на кредити, а кој живее на креди, вели Црвенковски – умира на рати!
Тој се осврна и на неговите грешки, како таа што не ги заштитил работниците-акционери во транзицијата пред 30-тина години од притисокот на менаџерите на претпријатијата.
„Транзиција во негативна смисла се сведува на негативен призвук. Во Југославија се донесе одлука да се напушти социјализмот и да се гради капитализмот, некои претпријатија одлучија мнозински да се приватизираат уште додека бевме во рамките на Југославија по законот на Анте Марковиќ. Сите вработени со големи попусти и рати да станат сопственици на акции во своите фирми. Тоа изгледаше праведно. За жал, многу често тоа не беше случај. Во многу претпријатија под притисок и уцена да не ги загубат своите места, ги отстапуваа своите акции на менаџерите, а ние не создадовме механизми за заштита. Со ова искуство и со овој памет знам дека со сигурност тогаш работите би ги направил поинаку. Негативните последици мора да се признаат и за грешките додека бев премиер носам целосна одговорност“, рече Црвенковски во дел од својот говор пред академиците од МАНУ, Стопанската комора и Националниот институт за историја.
Во однос на економската состојба во државата тој укажа дека состојбите се полоши од пред 10 или 20 години. Раст, според него, може да се лоцира само во буџетот, кој секоја година расте, како и во бројката на вработени во администрацијата. Правејќи споредба, тој рече дека од 173.469 вработени во администрацијата, сега бројката достигна до 197.530 лица, што значи 24 илјади нови вработени во јавниот сектор во последните неколку години.
„Вака понатаму не може, овој балон ќе пукне“, вели Црвенковски.