![vakcinacija slovenija](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2021/11/vakcinacija-slovenija.jpg?resize=696%2C464&ssl=1)
Во Словенија во последните 24 часа се потврдени нови 2.245 нови зарази со коронавирусот, речиси илјада помалку отколку ден претходно, но со поголем процент на позитивните тестови, додека бројот на случаите за кои е потребна хоспитализација и натаму расте.
Иако бројот на новите зарази и 14-дневната инциденца последните денови стагнираат, бројката хоспитализации и натаму расте, а активни се речиси 45.000 случаи, па надежите за брза промена на ситуацијата на подобро не се големи. Изведени се 4.739 тестирања, а позитивни биле 47,4 отсто од наодите, објави владата во неделата, додека ден претходно од 8.127 тестови имаше 39,8 отсто позитивни.
„Пресметките покажуваат дека можеби сме на платото на епидемијата и дека ситуацијата со текот на времето ќе се подобри, но неизвесности сѐ уште има многу и потребна е голема претпазливост од секој граѓанин“, изјави за медиуми осврнувајќи се на моменталната ситуација во земјата инфектологот Бојан Беович.
Истовремено, таа во изјавата за Словенечката телевизија го осуди делувањето на групата којашто во јавноста се претставува како „Иницијативата на словенечките лекари“, а изразува недоверба во вакцините против коронавирусот.
Споменатата група на социјалните мрежи е активна подолго време, а овие денови објави писмо во коешто се бара веднаш да се престане со вакцинирањето на децата и на малолетни лица, со тврдењето дека децата имаат природна отпорност и не се загрозени од коронавирусот. Групата, исто така, ги критикува и вакцините против короанвирусот базирани на новата технологија ткн информациона рибонуклеанска кислеина односно mRNK, какви што се вакцините на американско-германскиот тандем „Pfizer/BioNTech“ и на американската „Moderna“, за кои велат дека се непроверени и недоволно испитани.
Од наводите кои оваа група ги изнесува во јавноста, со свои објави се оградија многу словенечки лекари оценувајќи ги како „ненаучни“ тврдења, барајќи во петицијата која досега ја потпишале повеќе од 1.500 лекари против оние кои „шират дезинформации“ да се преземат санкции.
Инфектологот Беович, којашто е и претседателка на Словенечката лекарска комора, стравува дека дејствувањето на антиваксерските групи и на помалиот број лекари од споменатата група би можело да има дополнителен негативен ефект врз дел од популацијата кој се колеба да се вакцинира.
Според официјалните податоци на владата, во Словенија досега целосно се вакцинирани против Covid-19, 54 отсто од вкупното населние, додека 58 отсто се вакцинирале барем со првата доза.
Во Словенија уште е актуелна дилемата дали земјата треба да го следи примерот на соседна Австрија, којашто од февруари следната година ќе воведе задолжително вакцинирањето за целото население. Беович вели дека задолжителното вакцинирање во Словенија би предизвикало поделби и противења, но дека тоа би имало смисла доколку би било пропишано за повозрасните од 50 години и за лицата кои имаат ризик од тешка форма на болеста откако ќе се заразат. Но, задолжителното вакцинирање е чувствително прашање и за тоа пред носењето на одлуката би требало да биде обезбеден поширок општествен консензус, оценува Беович.