Српскиот кабелски тајкун Шолак го купи Саутемптон

Српскиот милијардер Драган Шолак, сопственик на телекомуникациската компанија „United Group“, е на челото на инвестициската групација „Sport Republic“ којашто во вторникот стана мнозински сопственик на англискиот фудбалски прволигаш Саутемптон.

„Sport Republic“ за 100 милиони фунти купил 80 отсто од акциите на премиерлигашот од кинескиот бизнисмен Гао Џишенг, кој беше сопственик на Саутемптон од август 2017 година.

„Во последните две години баравме вистински партнер кој ќе го поведе клубот напред и денеска пронајдовме совршено решение. ‘Sport Republic’ е искусен инвеститор во елитниот професионален спорт и одушевени сме што постигнавме договор кој на клубот му осигурува долгорочна иднина“, изјави претседателот на Саутемптон, Мартин Семенс.

„Саутемнптон има мноштво квалитети кои ги баравме во некоја спортска организација. Има одличен менаџмент, одлична скаутска служба и телентирана екипа која игра атрактивен фудбал следена од верни навивачи“, изјави Шолак.

Преостанатите 20 отсто од сопственоста на клубот остануваат во сопственост на Катарина Либхер, којашто ги наследи во 2010 година по смртта на сопругот Маркус Либхер.

Станува збор за ново големо вложување во клуб од англиската Премиер лигата во последните три месеца. Претходно чешкиот милијардер Даниел Кретински купи 27 отсто од акциите на Вест Хем Јунајтед, додека саудискиот конзорциум Фондот за јавни вложувања (PIF), на чиешто чело е саудискиот престолонаследен принц Мохамед бин Салман, ја презема сопственоста над Њукасл Јунајтед.

Саутемптон моментално е 14-ти на првенствената табела со 21 бод, десет бодови повеќе од зоната на испаѓање, а 13 бодови помалку од позициите кои водат во европските купови.