Во сабота во манастирската црква “Св. Пантелејмон” во Горно Нерези ќе бидат прославени јубилејни 850 години од постоењето на овој христијански храм. За ВЕЧЕР кустосот на црквата раскажува за животот на светецот, за црквата, најпознатата фреска и честите посетители
Манастирската црква e посветена на светиот великомаченик Пантелејмон и е изградена во 1164 година од познатата династија Комненови од византискиот принц Алексеј Први Комнен и неговата фамилија.
Манастирската црква и до ден-денес во внатрешниот дел изобилува со фрескосликарство од 12-тиот век, со многу препознатливи и оригинални фрески, но, исто така, има и фрески коишто датираат од 16-тиот век.
Што се однесува до самата архитектура на манастирот, манастирската црква е во форма на впишан крст во византиски стил бидејќи е градена во византиско време. Таа е петкуполна манастирска црква којашто се состои од четири помали куполи и една централна голема купола. Надворешниот дел на манастирот е граден од тули и од кршен камен, којшто се набавувал од околината на Нерези, но, исто така, самиот манастир е поделен на три дела во внатрешниот дел, а најсветиот дел во црквата е олтарот