Иако видни осуденици од Скопје ја сменија адресата со охридска, за да ги отслужуваат затворските казните во струшкиот затвор, изгледа дека ова лето најголема удобност и забава ќе има во затворот во Тетово. Деновиве таму е инсталиран монтажен базен за разладување на затворениците, како дел од програмата за ресоцијализацијакоја се спроведува во оваа казнено-поправна установа. Целта е да се подобри нивната психичка и физичка состојба, велат од затворот.
Освен базенот што е од сезонски карактер, затворениците во тетовскиот затвор времето ќе го поминуваат во реновирани затворски простории, спални со санитарни јазли, кујна, менза, но и светилиште, библиотека и берберница. Во затворот се реновирани и приемното и затвореното одделение, а целиот објект е дезинфициран.
Осудените лица кои казните ги отслужуваат во тетовскиот затвор, во рамки на програмата за ресоцијализација ќе може и да спортуваат, односно да играат фудбал, кошарка, шах. Како дел од забавните активности предвидени се концерти и гледање филмови.