Азиските берзи кон значителна седмична добивка, доларот долу – нафтата горе

На азиските берзи во петокот се тргува претпазливо, имајќи предвид дека берзанските индекси се пред остварување на најголемата седмична добивка во два месеца, иако макроекономското опкружување не е оди баш во прилог на пазарите со акции од вредност.

Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции без јапонските, околу 7 часот остана речиси непроменет во однос на четвртокот, додека на седмично ниво е пред најголемата добивка во последните два месеца. Утрово на Токиската берза индексот Nikkei зајакна за 0,5 отсто, додека цените на акциите во Австралија и Хонгконг пораснаа за околу 0,2 отсто. Во Јужна Кореја и Шангај, пак, паднаа за 0,2 и 0,3 отсто.

Вложувачите не се расположени дополнително да ризикуваат, откако цените на акциите оваа седмица значително пораснаа и покрај влошувањето на макроекономската слика во светот, високата инфлација и зголемувањата на каматите на централните банки.

Европската централна банка (ECB) ги зголеми клучните каматни стапки, првпат од 2011 година и тоа а 0,50-процентни поени, повеќе отколку што се очекуваше. Така, каматите за рефинансирање на банките се подигнати за 0,5 отсто, каматите на прекуноќните позајмици на банките на 0,75 отсто, а каматите за депозитите за 0 отсто. Со тоа ECB ја заврши политиката на негативните каматни стапки, која ја водеше од 2014 година.

„Зголемувањето на каматите на ECB за 0,50-процентни поени многумина изненади. Но острото зголемување на каматите сега во светот стана норма“, вели за Reuters Сузан Килсби, економистка во ANZ.

Поагресивниот отколку што се очекуваше потег на ECB покажува дека челниците на централната банка ги загрижува движењето на инфлацијата во еврозоната на рекордни нивоа, над 8,5 отсто.

Меѓутоа, во Јапонија инфлацијата нема таков проблем. Во петокот утрото беше објавено дека во таа земја во јуни инфлацијата изнесувала 2,2 отсто, што значи дека тамошната централна банка Bank of Japan (BoJ) и натаму може да води исклучително поттикнувачка монетарна политика. Благодарејќи на тоа, индексот Nikkei расте седми ден со ред.

Поддршка на пазарите им дава и вчерашниот раст на цените на акциите на Волстрит, трет ден со ред. Индексот Dow Jones зајакна за 0,51, S&P 500 порасна за 0,99 а Nasdaq индексот за 1,36 отсто.

Индексот S&P 500 го достигна вчера највисокото ниво од 9-ти јуни, благодарејќи на подобрите од очекуваните деловни резултати на неколку компании од неговиот состав. Меѓу најголемите добитници беше акцијата на „Tesla“, со раст на цената од речиси 10 отсто, бидејќи овој произведувач на електрични автомобили остварил поголема добивка од очекуваната. Тоа го поттикна целиот технолошки сектор, па индексот Nasdaq, кој е полн со вакви акции, најмногу порасна. Притоа цените на акциите на „Amazon“ и „Apple“, компании кои резултатите ќе ги објават следната седмица, пораснаа за 1,5 отсто.

Меѓутоа, во петокот утрото терминскиот Nasdaq индекс беше во минус околу 0,7 отсто, бидејќи цената на акцијата на компанијата „Snap“ потона за повеќе од 25 отсто, откако оваа технолошка компанија разочара со деловните резултатите изминатото тримесечје.

И додека резултатите на повеќето американски компании беа подобри отколку што се очекува, на макроекономскиот план ситуацијата помалку се влошува. Вчера беше објавено дека минатата седмица бројот на првите барања за помош на невработените пораснал за 251.000 лица, највисокото ниво во последните осум месеци. Се очекува дополнително забавување на растот на американската економија, бидејќи централната банка Federal Reserve (Fed), поради високата инфлација, овој месец повторно агресивно ќе ги зголеми клучните каматни стапки, веројатно за 0,75-процентни поени.

 

Доларот ослабе, цените на нафтата скокнаа

На валутниот пазар вредноста на американскиот долар кон кошницата валути благо падна. Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американската во однос на другите шест најважни светски валута, се движи околу 106,90 поени, додека во четвртокот во истиот период од тргувањето изнесуваше 106,95 отсто.

Притоа, курсот на доларот кон јапонската валута се лизна од вчерашните 138,35 на 137,65 јени.

Меѓутоа, американската валута зајакна во однос на европската, па цената на еврото се лизна на 1,0195 долари, додека во четвртокот во истиот период од тргувањето изнесуваше 1,0210 долари. Сепак, еврото кон доларот е на патот на најголемата седмична добивка од крајот на мај.

Цените на нафтата, пак, пораснаа по чувствителниот пад на затворањето на тргувањето во четвртокот. Така, во петокот во раното претпладневно тргување на лондонскиот пазар зајакна за 0,93 отсто на 104,85 долари, додека на американскиот пазар барелот поскапе за 0,88 отсто на 97,20 долари.