Евростат: Годишната инфлација 9,9 отсто во еврозоната, 10,9 проценти во ЕУ

Годишната стапка на инфлација во еврозоната беше 9,9 отсто во септември 2022 година, од 9,1 процент во август. Една година порано, стапката изнесуваше 3,4 отсто. Ова го објави Евростат, европскиот статистички центар.

Од таму исто така соопштуваат дека годишната инфлација на Европската унија беше 10,9 проценти во септември 2022 година, во однос на 10,1 отсто во август. За споредба, една година порано, стапката беше 3,6 отсто. Бројките кои ги објави статистичката служба на Европската Унијата покажуваат дека има големи разлики измеѓу земјите членки на унијата.

Се забележува дека најниски годишни стапки се регистрирани во Франција (6,2 отсто), Малта (7,4 проценти) и Финска (8,4 отсто).

Од друга страна, највисоките годишни стапки на инфлација се забележани во Естонија (24,1 проценти), Литванија (22,5 отсто) и Латвија (22,0 проценти).

– Во споредба со август, годишно инфлацијата падна во шест земји-членки, остана стабилна во една и порасна во дваесет. Во септември, најголем придонес во годишната стапка на инфлација во еврозоната имаше енергетиката (+4,19 проценти поени, п.п.), потоа храна, алкохол и тутун (+2,47 п.п.), услуги (+1,80 п.п.) и неенергетски индустриски стоки (+1,47 п.п.) – се истакнува во соопштението на Евростат.