Во последен момент постигнат договор за буџетот на ЕУ за 2023-та

Преговарачите на Советот и на Европскиот парламент постигнаа во последен момент од законскиот рок договор за буџетот на Европската унија за следната 2023 година.

Рокот за постигнување на договор беше 14-ти ноември на полноќ, а преговарачи непосредно пред тоа објавиле дека имаат договор.

Договорен е буџет во износ од 186,6 милијарди евра, што е за 1,1 отсто повеќе во однос на годинешниот буџет. За непредвидените трошоци во рамките на повеќегодишната финансиска рамка од 2021 до 2027 година предвидени се 400 милиони евра.

Поголемиот дел од тоа зголемување, околу 280 милиони евра, се наменети за зајакнување на поддршката на Украина и соседните држави на ЕУ и на Русија, како на пример Молдавија.

Солиден дел од средствата е наменет и за подобрување на сообраќајната инфраструктура за да се зголеми мобилноста на воената опрема ширум територијата на Европската унија.

Европската комисија предлагаше буџет во износ од 185,59 милијарди евра, додека предлогот на Советот на ЕУ беше 183,95 милијарди евра, додека Европскиот парламент бараше 187,29 милијарди евра.

Постигнатиот договор треба уште да го потврдат двете законодавни инстанци. За одлуката на Советот потребно е квалификувано мнозинство, а во Европскиот парламент просто мнозинство.

Доколку не беше постигна договор, Европската комисија ќе мораше да излезе со нов предлог и тогаш повторно би следеле преговори. Буџетот за следната година мора да биде изгласан до крајот на тековната година.

Доколку тоа изостане, се применува привременото финансирање, така што секој месец во тековната година може да биде потрошена една дванаесеттина од минатогодишниот буџет.