Стејт Департментот најавува позасилена меѓународна борба против корупцијата. За утре, меѓународниот ден на борбата против корупцијата, Вашингтон најавува нови санкции за корумпирани функционери, секаде во светот.
Ова доаѓа само два дена откако во Скопје пристигна американски тим за санкции кој ќе „лови“ комрупирани актуелни и поранешни функционери.
-Очигледно ниту една земја не може сама да се бори против корупцијата. Чест ни е да работиме со водечките антикорупционери од секаде од светот и со меѓународните партнери за да ја поразиме корупцијата, изјави Тод Робинсон, асистент секретар во Бирото за меѓународни агенции за спроведување на законите.
Вицепремиерката за политики за добро владеење, Славица Грковска од Рим порача дека само со стабилни институции и поравосуден систем отпорен на политичко влијание може да се искорени корупцијата.
-Политиките за добро владеење се основа за стабилноста на секоја држава. Доколку сакаме стабилност мора граѓаните да имаат доверба во институциите, да имаме администрација која ќе биде на услуга на граѓаните и да се создадеме систем кој ќе биде отпорен на корупција, рече Грковска.
Првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, пак, повторно повика на предвремени парламентарни избори, бидејќи според него, само по нивно одржување може да почне вистинската борба против корупцијата. Според Мицкоски, таа во Македонија е на екстремно високо ниво.
-Не може никој денеска со истите оние луѓе кои се причина за криминалот и корупцијата да се бори против криминалот и корупцијата. За тоа се потребни предвремени парламентарни избори, нови луѓе да ги водат тие институции. И тогаш вистински ќе видат како се бори против криминалот и корупцијата. Да видат дали оние нарко-банди така слободно ќе влегуваат во Полициски станици и ќе ги вадат за уши јадните полицајци, или ние ќе ги вадиме од таму од каде што се за уши?, рече Мицкоски.
Политичките партии со оптимизам ја пречекаа веста дека американски тим за санкции ќе истражува корупција кај сегашни и поранешни функционери, иако токму тие функционери се поставени од нив.
Засега не е познат составот на тимот, ниту како точно ќе истражуваат дали има функционерите кои се корумпирани.
Веднаш по оваа најава пристигна и најава за Закон за ветинг, но извори од Владата за Сител велат текст за ваков Закон воошто нема, ниту се знае кога ќе биде подготвен.
Експертите, пак, предупредуваат дека ветингот може да биде опасен и да се претвори во лов на неподобните, наместо на лошите судии и обвинители, но и дека можеби е потребна меѓународна асистенција во прочистувањето на правосудниот систем.