-Едниот тип закани е директен, а вториот е преку посредници. Вака лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ги опиша притисоците врз пратениците од мнозинството, за што говореше вчера во Охрид.
Дојче Веле побара одговор од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – за каков вид притисоци станува збор?
„Има два типа на закани за кои сум информиран – едниот е директен, во смисла ќе ви се случи лошо вам и на вашите блиски ако поддржите избори, а вториот тип на закани е преку посредници на луѓе блиски до тие пратеници, нивни роднини и пријатели. Добро е што поголемиот дел се охрабрени и директно сведочат за таквиот однос. Јас сум убеден дека тие ќе останат доследни, бидејќи борбата за Македонија нема цена, а криминалците еден ден ќе зажалат за ова што го прават“, вели Христијан Мицкоски.
Според него, „дел од пратениците кои се предмет на обработка, се во грч, но и разочарувања од таквиот приод”.
„Сѐ повеќе пратеници ја сфаќаат комплицираноста на состојбите и фактот дека изборите се единственото одржливо решение за излез од состојбите. Во таа насока, пропорционално на растењето на бројот на пратеници кои се охрабруваат да говорат за потребата за избори, се случуваат и брутални, и би рекол бандитски притисоци од страна на криминални и неформални групи во форма на заплашувања, како директна порака од раководствата на СДС и ДУИ. Тоа се припадници на истите оние групи, кои непречено во овие шест години градат бизнис империја и се заштитени од прогон и допир на правдата. Тоа се истите оние луѓе кои полутајно се поздравуваат, а дел и јавно се фотографираат со истите водства од власта на партиски и други политички настани, имаат дебели полоциски досиеја и сѐ уште се на слобода и покрај десетици случаи за работа со недозволени материи, рекети и изнуди”, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Ваквиот опис тој го даде и вчера во Охрид, одговорајќи на новинарски прашања по прашањето за избори.
„Мислам дека не би имало човек во парламентот, рационален човек, кој што и сака добро на Македонија, а да не посакува избори. Но, оние полукриминални групи, коишто високото раководство на СДСМ и ДУИ ги контролираат и се дел од македонското подземје, веќе почнуваат да вршат притисок врз тие пратеници”, рече Мицкоски.
„На почеток на оваа година, токму на Божиќ, Мицкоски изјави дека на крај на јануари ќе собере 61 пратеник и ќе се случи распуштање на Собранието. Еве, дојде крај на јануари нема ништо од неговите најави, нема распуштање на Собрание”, беше наведено во реакцијата на СДСМ.
На 30-ти декември лани, Мицкоски најави дека има пратеници од владејачката кои испраќаат јасни сигнали дека се подготвени да поддржат распуштање на парламентот и организирање предвремени избори. Рече дека не може да соопшти повеќе детали, за пратениците да не бидат изложени на притисоци.
„Од објективни причини не можам да зборувам за повеќе детали, имајќи го предвид фактот дека имаме комплетно ‘ДУИзирано’ обвинителство и ‘ДУИзирано и СДСМизирано’ судство, кои заедно со органите на прогон ќе вршат притисок врз тие луѓе, познавајќи го карактерот на овие луѓе од владата на ДУИ поддржана од СДСМ. Затоа ве молам за трпение, да почекаме, да видиме дали докрај ќе го изодиме овој процес. Краен датум за да имаме избори се оние датуми што ги кажавме, 14-ти и 21-ви мај “, рече Мицкоски на 30-ти декември лани.
За да се фатат законските рокови за избори во тој термин, до почетокот на февруари треба да биде извесно кој го има мнозинството. Тоа според власта е апсолутно стабилно, но внатрепартиските тензии во ДУИ и наводи за сценарио за внатрешно „поткопување на позициите на премиерот Димитар Ковачевски“, ги зголемија сомнежите во одржливоста на мнозинството. Дали тоа ќе се зацврсти со влез на Алијанса за Албанците во власта, ќе се знае наскоро. Утре ќе се одржи Централно собрание на партијата, на кое треба да се изберат партиски потпретседатели и секретари, а потоа за темата ќе се разговара во органите на партијата.
Целиот текст прочитајте го ТУКА.