Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, денеска изјави дека Москва го цени кинескиот план за решавање на конфликтот во Украина и е отворена за опцијата за постигнување на целите на „специјалната воена операција“ преку политички и дипломатски средства, додавајќи дека тоа би претпоставувало признавање на „новата територијална реалност“ во Украина, пишува Гардијан.
И украинскиот претседател денеска го искоментира кинескиот мировен план за време на прес-конференцијата по повод годишнината од руската инвазија.
-Добро е што Кина зборува за Украина. Пекинг нема лоши интереси. Според соопштението, Кина го почитува нашиот територијален интегритет. Но, прашањето е што следи по тие зборови. Прашањето е во чекорите и каде ќе водат тие. Некои точки во декларацијата ми се разбирливи, а со некои не се согласувам, рече Зеленски.
Кина повика на обновување на мировните преговори меѓу Русија и Украина со цел да се стави крај на војната. На веб-страницата на кинеското МНР објавија документ со 12 точки. Во првата точка сите инволвирани страни се повикуваат да го почитуваат суверенитетот на сите народи. Планот го повикува светот „да го напушти менталитетот на Студената војна“ со ставање крај на „сите еднострани санкции кои не се одобрени од Советот за безбедност на ОН“.
Голем број земји воведоа санкции кон Русија, земјата која ја почна војната во Украина. Кина повикува на прекин на непријателствата преку дијалог и преговори, додавајќи дека Пекинг планира да „игра конструктивна улога“.
Кина исто така бара решенија за хуманитарната криза предизвикана од војната, заштита на цивилите и воените заробеници и безбедноста на нуклеарните централи. Под точката „намалување на стратешките ризици“ во кинескиот документ, се наведува дека „не смее да се користи нуклеарно оружје“ и се изразува противење на каква било закана која вклучува нуклеарно оружје.