Еквадорска влада во вторникот прогласи 60-дневна вонредна состојба во повеќе покраини и особено во затворите во земјата и ги области вооружените сили повторно да ја преземат контролата над затворите, по најновиот бран насилства во коишто во текот на викендот и понедленикот загинаа 18 лица.
Прогласувањето вонредна состојба и полициски час во понеделникот во три покраини од страна на претседателот Гиљермо Ласо предизвика насилство во градот Есмералдас, каде што 15 затворски чувари и двајца други службеници се држени како заложници во тамошниот затвор, соопшти владата.
Во самиот Есмералдас нападната е полициска единица, поставени се експлозиви на бензинските црпки и запалени се неколку автомобили. Канцеларијата на државниот обвинител објави на социјалните мрежи дека еден цивил е повреден во напад со молотови коктели врз обвинителството во овој град.
Во Гвајаквил најмалку 2.700 тешко опремени војници и полицајци влегоа во затворот Пенитенсарија дел Литорал каде викендот избувна жестока смртоносна пресметка меѓу припадниците на бандите, по носењето на шеесетдневната вонредна состојба, враќајќи ја контролата над три блокови со ќелии со контролирани детонации.
Воената интервенција во затворите ширум Еквадор ќе продолжи сѐ додека повторно не биде преземена контролата во нив и кога нема да има закани за затворениците или службениците, соопшти владата.
Вонредната состојба и полицискиот час беа воведени во покраините Манаба и Лос Рио, како и во градот Дуран, во близина на вториот најголем град во земјата Гвајаквил, ден откако беше убиен градоначалникот на крајбрежниот град Манта, Аугустин Интреиго. Најновиот бран насилства во затворите, пак, се случува во текот на кампањата за изборите кои ќе се одржат на 20-ти август, а некои од претседателските кандидати ветуваат реформа на затворскиот систем во Еквадор.
Судирите, често исклучително насилни и свирепи, се секојдневие во еквадорските затвори. Според податоците на власите, ривалските банди на трговци со наркотици начесто контролирани од мексиканските нарко-картели, водат војна за контрола и над пренатрупаните затвори. Според последните официјалните податоци од 2021 година, 316 затвореници смртно настрадаа во текот на безредија во разни затвори ширум земјата. Таа година во затворите во Еквадор биле сместени околу 33.900, што е за 12,5 отсто повеќе од максималните капацитети на затворскиот систем во земјата. Во текот на истата 2021 година во Еквадор биле запленети 210 тони дроги, најчесто кокаин, а во првата половина од 2022 година околу 70 тони.