Машинскиот факултет-перспектива на студентите на пазарот на трудот

Во оваа колумна на моето пишување во центарот на вниманието  се активностите на Машинскиот факултет-Скопје при Универзитетот „Свeти Кирил и Методиј“ во Скопје, нивните активности, ангажираност на менаџерскиот, наставниот кадар, како и местото и улогата на студентите како партнери и соработници во наставниот процес, научните активности и апликативни истражувања. При што и практично и се уверив при посетата на факултетот. Со што ја дава перспективата на студентите и нивното сигурно место на вработување на пазарот на трудот кај нас и во странство.

 Историјат на Машинскиот факултет-Скопје

Имено, историски гледано, наредната година Машинскиот факултет – Скопје, ќе го прослави својот 65-годишен јубилеј. Студиите по машинство во Република Македонија, за прв пат започнале есента 1959-та година на Техничкиот факултет во Скопје, во чии рамки е формиран Електро-машинскиот отсек. Како резултат на општествените потреби од машински инженери во Република Македонија, во 1965-тата година, во рамките на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, бил формиран посебен Електро-машински факултет со два оддела: Електро и Машински.

Развојот на машинството генерално, како и зголемениот број на субјекти во реалниот сектор кои делуваат во областа машинство во годините кои следуваат, резултираат со формирање на посебен Машински факултет – Скопје, кој од 1977-та година, до денес постои во овој облик. Во текот на сите овие шест и пол декади, Машинскиот факултет го развива високо образование, научни активности и апликативни истражувања кои во најголем дел се поклопуваат со визиите на неговите основачи, а го рефлектираат стекнатото искуство при развојот.

Денешниот развој на  Машинскиот факултет

Денес, на Факултетот функционираат шест Институти и еден Оддел и тоа: Институт за производно инженерство и менаџмент, Институт за машински конструкции, механизациони машини и возила, Институт за термичко инженерство, Институт за хидраулично инженерство и автоматика, Институт за заварување и заварени конструкции, Институт за механика и Оддел за математика и информатика. Факултетот има акредитирани студиски програми на сите три циклуси на студии.

На прв циклус организира настава на вкупно десет насоки, каде на девет од нив завршените студенти добиваат диплома со звање дипломиран машински инженер по: производно инженерство; моторни возила, транспорт и механизација; термичко и енергетско инженерство; хидраулично енергетско инженерство; материјали, процеси и иновации; индустриско инженерство и менаџмент; енергетика и екологија; мехатроника и автоматизација и управувачки системи; додека на десетта, насоката индустриски дизајн студентите добиваат звање дипломиран инженер од областа на индустриски дизајн. На вториот циклус студии факултетот нуди едногодишни студии на вкупно седумнаесет различни насоки од кои четири се на англиски јазик. На третиот циклус факултетот организира студии во две студиски програми, и тоа: машинство и индустриско инженерство и менаџмент.

Во моментот, Машинскиот факултет – Скопје има 997 активни студенти на сите три циклуси на студии, а наставата ја изведуваат вкупно 57 наставници од сите наставно-научни звања. На факултетот работат и 16 асистенти и 10 лаборанти.

Односот наставен кадар-студенти и нивно функционирање

Во разговор со одговорните на факултетот како и со  студентите и нивните искази го потврдија впечатокот дека:

Од своето основање, до денес, Машинскиот факултет – Скопје, гради партнерски (соработнички) однос со студентите базиран на разбирање, почитување и взаемна соработка. Во моментов, на факултетот функционираат повеќе студентски организации, меѓу кои се: Студентското собрание на Машинскиот факултет – Скопје, ЕСТИЕМ, БЕСТ, ИАЕСТЕ и други. Соработката со студентите, покрај наставата ја вклучува и нивната ангажираност во целокупната работа на факултетот и донесувањето на клучни одлуки. Студентите се целосно вклучени и во научно-истражувачките и апликативните проекти на факултетот. Во овие рамки, дополнително, Машинскиот факултет – Скопје, вложува значителни ресурси во обезбедување на услови за реализација на практична работа на студентите во македонските компании, како и организација и реализација на теренска настава со цел студентите од блиску да се запознаат со работата на компаниите како и капацитетите и инфраструктурата во нашата држава и регионот.

Така, оваа академска година студентите имаа можност да остварат теренска настава со посета на фабриките на Фолксваген во Словачка и Римац Аутомобили во Хрватска. Факултетот вложува значителни ресурси и во поддршка на разни студентски проекти. Во моментот, во тек е студентскиот проект „Студентска формула“, каде нашите студенти на Машинскиот факултет, во соработка со студентите од Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), развиваат болид со кој ќе учествуваат на меѓународните натпревари од серијата за студентска формула.

Види повеќе: You Tube – Сител телевизија

Слични вакви проекти каде од студентите се побарува физички да се изработи некаков прототип се постојано присутни на факултетот. Во насока на задоволување на потребите на студентите за овие активности, факултетот со поддршка на Фондот за иновации и технолошки развој ја отвори ФабЛаб – лабораторија, во која студентите, но и секој граѓанин може да дојде и да изработи производ или прототип согласно своите желби и потреби.

Лабораторијата е опремена со CNC машини, 3Д печатачи и друга опрема која овозможува голем дел од идеите на студентите да се реализираат. Студентите од насоката Индустриски дизајн пак, традиционално, секој октомври ја организираат својата годишна изложба. Тука можат да се видат постери, прототипови, 3Д анимации и презентации од разни проекти кои овие вешти студенти ги изработуваат во текот на своите студии.

Во исто време, Машинскиот факултет е носител на научно-истражувачката дејност од областа на машинската струка и како што истакнуваат: „ претставува центар за развој на науката, научната мисла и примената на науката“. Факултетот остварува значителен придонес во научната сфера преку објавување на научни трудови на конференции и во домашни и меѓународни списанија и реализација на домашни, билатерални и меѓународни научно-истражувачки проекти. До сега, факултетот учествувал во реализацијата на повеќе од 60 меѓународни проекти од различни програми како на пример ТЕПМУС програмата, ФП6, ФП7, ХОРИЗОН, ИПА, ЕРАЗМУС, RCF, НАТО, УНИДО, УНЕП, УНИЦЕФ, и разни програми поддржани од меѓународните агенции за соработка како УСАИД, ГИЗ, АДА, СИДА, ЈИЦА, и други.

Дополнително, свој придонес во оваа сфера Машинскиот факултет – Скопје обезбедува и со издавањето на научното списание „Машинско инженерство“. Првиот број на ова списание е издаден во далечната 1978 година и до сега се издадени вкупно 62 изданија. Списанието има меѓународен уредувачки одбор и излегува два пати годишно со политика за слободен пристап до трудовите кои се рецензија на истите.

Во рамките на факултетот успешно функционираат и неколку Центри, како на пример: Центарот за Истражување, Развој и Континуирано Образование – ЦИРКО, УНИДО Национален центар за почисто производство, Центарот за енергетска ефикасност, Центар за климатски предизвици, Универзитетски Центар за развој на нови бизниси (УКИМ-БСЦ) и многу значајниот Центар за кариера кој има дава целосна поддршка на студентите во процесот на кариерен развој, остварување на пракси и вработување.

Се ова доведува до квалитетно стручно оспособување на студентите од Факултетот кои по завршување на студиите лесно доаѓаат до вработувања со оглед на фактот што добрите инженери се дефицитарни на пазарот на трудот. Дел од студентите во повисоките години на студирање добиваат платени пракси во реномирани компании од Македонија со цел нивно задржување во државата и вработување по завршување на студиите.

Соработка со меѓународни универзитети и факултети

Во денешниот свет на поврзаност и интердисциплинарност ниту еден ентитет не може да ги остварува своите цели самостојно. Па така, и Машинскиот факултет – Скопје во голема мера своите активности ги остварува во партнерство и соработка со етаблирани меѓународни универзитети и факултети меѓу кои се вбројуваат: Техничкиот универзитет во Делфт, Холандија, FH Johanneum од Грац, Австрија, Техничкиот универзитет од Виена, Австрија, Техничкиот универзитет во Берлин, Универзитетот во Брадфорд, Државниот  универзитет во Аризона, Вроцлавската политехника, Институтот во Ст. Петерсбург, ИПА-Штутгард, Техничкиот универзитет во Софија (Машински факултет), Универзитетот во Белград (Машински факултет), Институтот за нуклеарни науки Винча (Институт за термотехника и енергетика) и Техничкиот универзитет во Дармштат (Институт за челични конструкции).

Соработка со стопанството

Една од основните дејности која факултетот ја негува од своето формирање е неговата апликативна дејност и интензивната соработка со стопанството. Во рамките на Машинскиот факултет – Скопје, работи и првата акредитирана лабораторија за калибрација во нашата држава со ознака ЛК001, а тоа е Лабораторијата за калибрација на сила и момент при Институтот за машински конструкции, механизациони машини и возила.  Во рамките на факултетот делуваат и акредитирано Инспекциско тело за возила и Инспекциско тело за безбедност и здравје при работа. Со овие тела за оцена на сообразност, покрај тоа што се нудат услуги на нашите компании, истите служат и како спој на теоријата и праксата со што студентите имаат можност да се запознаат со актуелната проблематика.

Соработката на Машинскиот факултет – Скопје со компаниите започнува од првите денови преку интензивна соработка на разни инженерски теми со најголемите компании во тоа време како Рудници и Железарници Скопје, Металски Завод – ТИТО, Раде Кончар и други. Низ годините, оваа соработка го менувала својот интензитет, но никогаш не згаснала. Па така и денес соработката е интензивна со компаниите МАКСТИЛ, WABTEC, Раде Кончар – ТЕП, АКТИВА, ЕНЕРГОСИСТЕМ, како и сите меѓународни компании кои одлучија да отворат свои производни погони во индустриските зони, како KEMET, Johnson Matthey, KOSTAL, Kromberg&Shubert, Marquardt, APTIV, VanHool и други.

Од овие соработки со стопанството, особено се издвојува неодамнешната соработка со домашната компанија БРАКО АД Велес и проектот за развој на електрични возила за чистење на урбани средини. Само како податок возилото што го развива Машинскиот факултет и БРАКО е веќе готов како прототип и ќе биде презентирано на 22- ри ноември на 20-годишнината од БРАКО АД Велес. Како резултат на успешната синергија на капацитетите на факултетот и компанијата во навистина краток рок беа реализирани сите потребни инженерски активности за започнување на производство на електрични возила кои денес се продаваат на повеќе континенти во светот.

Ова мое пишување за активностите сеопфатни за Машинскиот факултет при УКИМ-Скопје, ме прави среќен и очекувам да бидам поканет да пишувам и за други факултети во Република Македонија.

Се во интерес на просперитетот на образованието во Македонија.

Македонија има историски образовни корени!

Автор: Ѓорѓи Илиевски, Виш просветен инспектор во пензија за НетПрес