Британскиот премиер е обвинет дека наводно рекол оти владата требало „само да пушти луѓето да умрат“ во пандемијата на ковид-19 наместо да донесе одлука за долгото второ „затворање“ на национално ниво, објавено е во понеделникот во рамките на истрагата за одговорот на британската влада на пандемијата на коронавирусот.
Патрик Валанс, главниот научен советник на владата во пандемијата на ковид-19, запишал белешка во својот дневник од 25-ти октомври 2020 година за состанокот на кој учествувале тогашниот премиер Борис Џонсон и Риши Сунак, тогашен министер за финансии.
Во дневничкиот запис презентиран во истргата забележано е дека Доминик Камингс, највисокиот советник на премиерот Џонсон во текот на пандемијата, му го пренел на Валасн она што го слушнал на состанокот.
„Риши мисли дека само треба да се пушти луѓето да умираат и дека тоа е во ред. Сево ова ми се чини како целосно изостанување на водство“, го цитира Валанс во својот дневник исказот на Камингс.
Портпаролот на Сунак изјави дека сегашниот британски премиер ќе го изнесе својот став кога ќе ги поднесе доказите пред истрагата „наместо на секој (дел) да одговара поединечно“.
Во Велика Британија се води истрага за одговорот на владата на пандемијата на коронавирусот во која починаа повеќе од 220.000 луѓе. Истрагата ќе трае до летото 2026 година.