Премиера на документарниот филм „Бисер“ во Кинотека

Во Кинотека на Македонија, утре (22.11.2023), ќе се одржи затворена премиера на документарниот филм „Бисер“, во продукција на Kumev Brothers и Агенцијата за филм.

Преку овој заеднички и уникатен проект на семејствата Филеви и Талеви и на браќата Кумеви, по 89 години се открива тајниот рецепт за изработка на бисерот, уникатниот и надалеку познат украс. Филмот го опфаќа периодот од 1924 до 1930 година, кога познатиот руски емигрант Јован Субановиќ ја открива, односно ја продава тајната состојка за изработка на бисерот на семејството Филеви. Преку мистериозната приказна за вистинскиот охридски бисер кој претставува охридски и македонски бренд, филмот не’ враќа назад кон нашите корени, низ историјата.

„Растејќи во овој прекрасен град, директно бев инволвиран во работата на овие две семејства, гледав што и како работат тие, но, тогаш не бев доволно свесен за вредноста на охридскиот бисер. Тоа е всушност нашиот македонски, охридски бренд, бренд за којшто светот би требало да знае“, вели режисерот на обој проект, Никола Кумев.

Главните улоги во филмот ги играат Владо Јовановски, Љупчо Тодоровски Упа, Никола Кумев, Марија Стоев.