Одлуката на американскиот регулатор да ги приземји авионите од моделот „Boeing 737 MAX 9“ по последниот инцидент во САД, предизвика бран реакции кај регулаторите и превозниците. Одлуката за приземјување ја прифати и европската EASA, нагласувајќи истовремено дека превозниците од земјите-членки на Европската унија не ги користат.
Откако вратата под притисок испадна среде лет и принуди авион на воздухоплвоната компанија „Alaska Airlines“ да се врати на аеродромот во Портланд, американските регулатори привремено ги приземјија авионите „737 MAX 9“ на производителот „Boeing“ поради безбедносни проверки.
Пред речиси пет години, кон крајот на 2018 година, регулаторите ширум светот ги повлекоа од употреба сите авиони „Boeing 737 MAX“ по двете несреќи во Етиопија во ноември кога се урна авионот на воздухопловната компанија „Ethiopian Airlines“, при што загинаа 157 луѓе, а претходно во октомври во пад на авион од истиот модел на компанијата „Lion Air“ во Индонезија загинаа 189 лица.
Во моментов, светските превозници оперираат со околу 215 авиони „Boeing 737 MAX 9“, според податоците од авијациската аналитичка компанија „Cirium“, а околу 170 од нив имаат врати што отпаднале при летот во саботата за „Alaska Airlines“. Другите модели имаат различен тип врати за евакуација.
Регулатори
Британската управа за цивилно воздухопловство во саботата објави дека нема авиони регистрирани во Велика Британија кои подлежат на директивата на американската FAA. Тие додадоа дека од сите оператори на авионите „Boeing 737 MAX 9“ кои ќе влезат во британскиот воздушен простор ќе биде побарано да се усогласат со регулативата на американскиот регулатор.
Кинескиот регулатор побара поединости за инцидентот, изјави за Reuters во саботата извор запознаен со ова прашање. Деловната новинска агенција Bloomberg News претходно објави дека Кина сѐ уште не одлучила дали ќе преземе активности во врска со инцидентот.
Во неделата Европската агенција за воздухопловна безбедност (EASA) ја усвои регулативата на американскиот регулатор за привремено приземјување на авионите „Boeing 737 MAX 9“. Сепак, тие забележаа дека ниту еден превозник-членка на ЕУ нема во својата флотила авион со „приземјената“ конфигурација.
Бразилскиот регулатор ANAC во неделата објави дека одлуката на американската FAA автоматски се применува на сите летови во Бразил. Тие истакнаа дека само компанијата „Copa Airlines“ користи ваков тип авиони на меѓународни летови на рутата до аеродромот Гуарулхос во Сао Паоло.
Канадскиот оператор во неделата извести дека канадските превозници не располагаат со авиони од моделот „Boeing 737 MAX 9“. Регулаторот на Обединетите Арапски Емирати во неделата нагласи дека ниту еден од нивните национални превозници не управува со авионите погодени од наредбата на американскиот регулатор.
Индиската управа за цивилно воздухопловство (DGCA) во понеделникот соопшти дека авионите „Boeing 737 MAX 9“ ја „минале“ проверката. Од таму, исто такам додадоа дека ниту еден индиски превозник не располга со овој тип летала.
Превозници
Воздухопловната компанија „Alaska Airlinesс“ во саботата ги приземји сите 65 авиони „Boeing 737 MAX 9“, а по пропишаните проверки и работи за одржување, во сообраќајот врати 18. Во неделата откажаа 170 летови, а во понеделник уште 60, по наредба на FAA.
Меѓу американските авиопревозници, авионите „Boeing 737 MAX 9“ ги користи само уште „United Airline“, од каде во саботата објавија дека привремено ги суспендирале сите свои летови заради проверка. Во неделата откажаа 230 летови. На крајот на септември, „United Airlines“ имаше 26 авиони „Boeing MAX 9“ во својата флота, но ги користи во две различни конфигурации.
Панамскиот авиопревозник „Copa Airlines“ во саботата соопшти дека привремено приземји 21 авион „Boeing 737 MAX 9“, додавајќи дека очекува „безбедно и сигурно да ги врати на распоредот на летовите во следните 24 часа“, Се очекуваат одложувања и откажувања, се додава во соопштението.
Од „FlyDubai“ во неделата соопштија дека наредбата на американскиот регулатор не се однесува на нејзините три авиона „Boeing 737 MAX 9“. Еден од најголемите светски превозници „Turkish Airlines“ во неделата извести дека повлелка пет авиони од употреба поради инскепкциски проверки.