Русија денеска воведе санкции за 18 британски државјани, вклучително и голем број врвни академици „поради обиди да се демонизира Русија и да се поттикне војна во Украина“.
– Принудени сме да констатираме дека русофобичните британски претставници не бегаат од обидите за дискредитација на уставниот систем и општествено-политичките процеси во нашата земја. Така наречените мозочни трустови кои дејствуваат врз основа на најголемите британски и западни образовни институции даваат значаен придонес за субверзивните акции на Лондон кон Русија, се наведува во соопштението на руското Министерство за надворешни работи.
Санкции се воведени за заменик-секретарот за одбрана Џејмс Картлиџ, заменик-советникот за национална безбедност Сара Мекинтош и директорот на подморниците Сајмон Асквит. Исто така санкционирани се специјалниот пратеник на британскиот премиер за Западен Балкан, Стјуарт Пич, како и лордовите Ден Ханан и Мајкл Ешкрофт.
Меѓу санкционираните академици се историчарите Орландо Фигес, Норман Дејвис, Тимоти Гартон Еш, Роб Џонсон, Дејвид Абулафија и експертите Рој Алисон од Оксфорд, Греам Робертсон од Универзитетот во Северна Каролина, Калдер Волтон од Харвард и Џејмс Шер од Меѓународниот центар за одбрана и безбедност во Талин.