ВИДЕО|„Neuralink“ прикажа квадриплегичар со мозочен имплант како игра шах

Во средата, компанијата „Neuralink“ на Илон Маск емитуваше видео од својот прв човечки пациент како игра компјутерски шах со својот ум и зборува за мозочниот имплант што му го овозможува тоа.

Дваесет идеветгодишниот Нолан Арбо, кој беше парализиран од рамениците надолу во нуркачка несреќа пред осум години, зборуваше за играње шах и видео играта „Civilization“ (Цивилизација), како и за полагање часови по јапонски и француски јазик, контролирајќи го со својот ум курсорот на компјутерскиот екран.

„Тоа е лудо, навистина е. Толку е кул“, рече Арбо, шегувајќи се дека има телепатска моќ благодарение на стартапот „Neuralink“ на Илон Маск.

Невротехнолошката компанија на Маск ја изведе првата имплантација на чип во човечки мозок во јануари годинава и во тоа време извести дека пациентот успешно се опоравува. Сопственикот на компанијата – претприемач, милијардер, шеф на „Tesla“ и „X“ и „SpaceX“, тогаш се пофали со својот успех.

Арбо рече дека бил пуштен од болница еден ден откако уредот бил вграден во неговиот мозок и дека по имплантот не се појавило когнитивно оштетување.

„Има уште многу работа да се заврши, но ова веќе ми го промени животот. Не сакам луѓето да мислат дека ова е крајот на патувањето“, рече тој.

Рече и дека започнал со размислувањеро за поместување на курсорот и дека на крајот системот на имплантантот ја реализирал неговата намера.

„Причината зошто влегов во ова е да бидам дел од нешто што чувствувам дека ќе го промени светот“, рече Арбо.

Арбо, исто така, рече дека претстојната Ноќ на вештерките планира да се облече како ликот на Икс-мен од стриповите на Марвел, Чарлс Ксавиер, кој е врзан за инвалидска количка, но има ментални супермоќи.

„Ќе бидам професор. Мислам дека тоа е сосема соодветно… Јас во основа сум телекинетичар“, рече тој.

Во видеото објавено на X и Reddit, инженер на „Neuralink“ вети повеќе ажурирања за напредокот на пациентот.

„Знаев дека почнаа да работат со човечки пациенти, но сосема друго ниво е да се види всадена личност“, коментира еден корисник на Reddit. „Навистина лудо, импресивно и страшно, сето одеднаш“.

Имплантот на „Neuralink“ е дизајниран да им овозможи на луѓето да ги контролираат паметните телефони или друга технологија со своите мисли. Во јануари, Маск објави дека првиот човек добил имплант на „Neuralink“ и се чувствува добро. Според него, првите податоци добиени за работата на уредот покажуваат ветувачки резултати. Маск подоцна напиша дека новиот уред „Neuralink“ е наречен „Telepathy“ (Телепатија). Тој му дава можност на сопственикот да контролира паметен телефон или компјутер користејќи ја моќта на мислата и првенствено е создаден за луѓе кои ја изгубиле способноста да ги користат своите екстремитети.

Ланскиот мај на „Neuralink“ му беше одобрено да го користи имплантот во клиничко испитување на луѓе, откако претходно беше тестиран на мајмуни. Претходно, американските здравствени инспектори открија проблеми со водење евиденција и контрола на квалитетот на експериментите со животни во центарот на Маск во Калифорнија.

Имплантот се состои од 1.024 електроди кои роботот ги поврзува со мозокот со помош на игла. „Neuralink“ бараше пациенти со квадриплегија – парализа на нозете и рацете – за клиничкото испитување. Кога луѓето почнуваат да се движат, одредена област од мозокот станува активна. Електродите ги фаќаат овие сигнали, што треба да биде доволно за, на пример, да се замисли движење за да се контролира курсорот на компјутер.

Целта на Маск е да ги зголеми човечките способности, да ги лекува невролошките нарушувања како АЛС или Паркинсоновата болест и можеби еден ден да постигне симбиотска врска меѓу луѓето и вештачката интелигенција.