Промени во туризмот!

По промените во Македонија и во време на составување на новата Влада и имплементацијата на програмите – „Платформата 1198“, време кога најмногу се шпекулира со имиња и места на победниците, коалициите и составот на новата Влада, ја пишувам мојата нова колумна со цел разјаснување на она што е најважно за нас туристичките работници и граѓани на оваа наша мала туристичка земја, за тоа што треба најитно како мерки за промени да се превземат.

Прво и основно е организацискиот систем на туризмот. А, тоа е формирањето, односно спојувањето на два сектора во Министерството за култура и туризам, реформирање на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, итно возобнување на Комитетот за туризам и формирање на долго очекуваната Туристичка инспекција. Но, да одиме по ред.

1. По објавата дека ќе се формираат нови министерства како дел од веќе постоечките, почнаа шпекулациите за формирањето или спојувањето на туризмот во делот на културата. Ова мерка не е нова ниту непозната равенка. Истата беше предложена од моја страна уште во 2012 година во тогашната Влада на ВМРО (за тоа постои предлог и закон за истото), а потоа преточена во сите програми на ВМРО ДПМНЕ. Иако туристичкото сопанство уште тогаш, а гледам и денеска бараат посебно самостојно министерство за туризам, од мој аспект и од домашни причини мислам дека за тоа нема потреба. Да туризмот е економска гранка, пропулзивна, микс на многу испреплетени гранки во нејзе, но ако се погледне учеството на туризмот во креирањетро на БДП (Бруто домашен производ), со годишна варијација од 3 до 4% (инаку се уште немаме точни податоци за тоа колку учествува туризмот директно и индиректно во креирањето на БДП и од кои основи е креирањето на неговото учество), тогаш е јасно дека нема потреба од вакво нешто.

    Друга причина е тоа што не е точно дека посебни министерства имаат земјите во опкружувањето. Ајде да одиме по ред да почнеме од најдобрите. Хрватска има Министерство за туризам и спорт (интересен спој, можда добар и за нас), Црна Гора има Министерство за туризам, екологија и одржлив развој, Турција има Министерство за култура и туризам, Србија има од неодамна Министерство за туризам и младина, Словенија се уште го има Министерството за економија, туризам и спорт, Босна и Херцеговина има Министерство за околина и туризам, Албанија има Министерство за животна средина и туризам.  Единствените две држави кои имаат самостојно министерство се Бугарија и Грција, држави каде и во едната и во другата туризмот во БДП е преку 15%.  Ако извлечеме генерален заклучок, а ги следам состојбите одамна за оваа проблематика, сите имаат додаена вредност на туризмот во делот за кој имаат најголем интерес самите држави.

    Кај нас се правени анализи, што е она што најмногу учествува во туризмот, ако се погледне што Македонија нуди како држава, тоа е на прво место културата, а потоа природата.

    Моментално нашиот туризам се сведува на Секторот за туризам и угостителство во рамките на Министерството за економија, каде работев и го водев од 2001 до 2013 година, Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот која лично и персонално ја формирав, а се надевам и дека сега ќе ја транформирам во она што го барав во 2008, а не успеав при нејзиното формирање во Национална Туристичка Организација, како и замрениот, да не речам мртов Комитет за туризам.

    Во Министерството за култура и туризам треба да прејде само Секторот од економија задолжен за водење на развојните политики во туризмот, но веднаш морам да кажам дека грешка ќе се направи ако истиот остане само сектор во новотот министерство, а не се подигне барем со сопствен Државен секретар кој ќе се грижи само за туризмот.

    Овдека ќе се задржам надвор од туризмот, а во врска со реформите во јавната администрација, со предлог до новиот претседател на Владата, г-динот Мицковски, ако сака реална реформа на администрацијата, прво да почне од ја сече главата на „смрдливата риба“, да ги укине заменичките министерски и директорски места (ако не целосно од политички причини, тогаш да го намали бројот), укинување на звањата државни советници, кои се само лево сметало во министерствата, а кога ќе дојде да биде премиер ќе се зачуди од податокот за тоа, колку во последно време е зголемен бројот на државни советници и кои се се поставени на тие позиции. Намалување на бројот на управни и надзорни одбори. Нека се извадат досиејата на сите вработени во државната администрација, да се проверат бројот на боледувањата, отсуствата од работа на поединци и групи, стручните позиции на истите кој каде се се напикал (ова ќе биде сериозна работа за новото министерство за администрација), па нека се донесе одлука на влада за доброволно со отпремнина на давање на отказ од администрацијата, верувајте минимум за 50% ќе се намалат трошиците.  Знам ќе биде болно но реално.

    2. Но да продолжам со туризмот. Реформирање на Агенцијата за промоција и поддршка на труизмот, таа „фамозна АППТ“  и веднаш прераснување во Национална Туристичка Организација, еве нека биде она пример како кај соседите, доброволна формирана со Јавно Приватно Партнерство со едниствена задача за промоција и маркетинг на туризмот и градење на туристички дестинации по системот „од доле па нагоре“, не како што е сега сведена на се и сешто, а ништо внатре системско и нефункционално. За тоа вашиот колумнист имаше доставена целосна анализа и предлог на Закон и колумна специјално за неа – Улогата на Агенцијата за промоција и (поддршка) на турзмот!

    3. Итно возобнување на Комитетот за туризам во рамките на Владата со учество на голем број на заинтересирани страни од државната управа и туристичкиот сектор. Во отсуство на Национална стратегија за развој на туризмот во иднина, а секако втор сет на мерки за итно носење ( за ова во следната колумна), при донесувањето на стратегијата за нејзино целосно импементирање е потребен токму овој комитет, каде ќе се предлагаат, следат и мерат мерките што ќе бидат предложени во самата стратегија. Минатото овој Комитет се покажа како најкорисен метод на реализација на активности во туризмот,  да не спомнувам колкав број беше тој.

    Реформи во туризмот и угостителството

    4. И секако финално, но не последно, конечно формирањето на таа долго барана и очекувана Туристичка инспекција, некаде со право викана и Туристичка полиција, за која исто така вашиот колумнист има подготвцено закон и начин за нејзино формирање и имплементирање во праксата.  Потребата од ваква посебна инспекција е голема од една и единстеван причина, што ние  во организациска и законодавна смисла, имаме добра основа која треба да се „реформира“, но во делот на имплементацијата и контролата сме да не речам заникаде, можеби и со оценка за чиста единица. 

    За сите овие работи имам детално пишувано во претходните мои колумни (види на таговите), ова е само за потсетување на сите нас, па и за мене лично, како иден предизвик во новата влада и креирањето на политиките, законодавството, активностите и промоцијата на туризмот.

    Во следната колумна ќе ги кажеме потребите од развојните политики, алатките за маркетингот и промоцијата, како и повторно носење на есклузивен заеднички бренд на сите ниво во државата, препознатлив насекаде во светот. До тогаш останете ми живи и здрави и паметни.

    Автор: Зоран Николовски, туризмолог, специјалист во туристички развој, и магистер по маркетинг и брендирање, за НетПрес