Осумкратниот светски шампион во рели Французинот Себастиен Ожие и неговиот совозач Винсент Ланде доживеаја сообраќајна несреќа во Полска за време на подготовките за тамошната трка, која треба да започне во четврток, објави неговиот тим Тојота Газо Рејсинг.
Полската полиција потврди дека дошло до сообраќајна несреќа и дека во неа се повредени четири лица, покрај Ожие и Ланде, повредени се и две лица од друго возило на возраст од 69 и 67 години.
„Себ и Винсент доживеаја сообраќајна несреќа додека ја прегледуваа патеката за релито на Полска и беа пренесени во болница на дополнителни тестови“, објави нивниот тим.
„Околу 9 часот и 30 минути на неасфалтираниот пат каде што наскоро ќе се одржи релито, се судрија две патнички возила. Во едното учесници на релито, а во другите две лица кои не се поврзани со релито, 69-годишен возач и 67 -годишен патник“, изјави портпаролот на полицијата на градот Олштин.
Двајцата возачи со хеликоптер се пренесени во болница, а патниците со возило на брза помош. Полицијата не ја соопшти природата на повредите, туку само потврди дека сите инволвирани биле свесни кога на местото на несреќата пристигнале болничарите.
Околностите на сообраќајната несреќа се уште се утврдуваат.