Рускиот претседател Владимир Путин во четвртокот го пофали новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп како искусен и интелигентен политичар, но рече дека не верува дека Трамп е безбеден по обидите за атентат.
Трамп беше ранет во обид за атентат во сојузната држава Пенсилванија во јули. Во одделен инцидент во септември, еден човек беше обвинет за обид за атентат откако тој се позиционирал со пушка на еден од терените за голф на Трамп во Флорида.
Путин на новинарите по самитот во Казахстан изјави дека е шокиран од начинот на кој се водеше изборната кампања во САД. Рускиот претседател рече дека „во борбата против Трамп се користени целосно нецивилизирани методи, па дури и обиди за атентат – неколкупати“.
„Инаку, мислам дека тој не е сигурен ниту сега“, рече Путин. „За жал, имаше различни инциденти во историјата на САД. Мислам дека тој (Трамп) е интелигентен и се надевам дека ќе биде внимателен и ќе го сфати ова“, додаде рускиот челник.
Путин, кој е под голема безбедносен чадор на руската служба, рече дека уште повеќе е шокиран од тоа како семејството и децата на Трамп биле критикувани од политичките противници за време на изборната кампања во САД.
Го опиша таквото однесување како „одвратно“ и рече дека дури и „бандитите“ не би прибегнувале кон такви методи во Русија.
Говорејќи за, како што ја опиша, одлуката на администрацијата на американскиот претседател на заминување Џо Бајден да ја ескалира војната во Украина дозволувајќи му на Киев да ја нападне Русија со западни ракети со долг дострел, Путин вели дека тоа би можело да биде трик да му се помогне или да му се отежне на Трамп во комуникацијата и односите со Русија.
Како и да е, Путин рече дека мисли оти Трамп ќе „најде решение“ и порача дека Москва е подготвена за дијалог.