Македонската диплоамтија, во годината што следува, ќе се соочува со два предизвика. Едниот е Големото источно прашање, со неговите два крила: јужно- Источен Медитеран и северно-Западен Балкан. Вториот предизвик е Европа, исто со двете крила: источното-украинско-руската војна и руско-американските преговори и западното: кризата во Европската Унија. Предизвици кои, без оглед како ќе бидат елиминирани, во догледно време, ќе имаат влијание врз иднината на Македонија. Чекорите на новото раководство на МНР, преку изените на законот за надворешни работи, со зголемување на квотата на амбасадори од кариера, кои ќе бидат испраќани во дипломатските преставништва е чекор во добра насока. Но, само прв и недоволен. Министерот, заедно со своите најблиски соработници, треба да се избори Министерството да ја добие улогата која навистина му припаѓа.
Во Република Македонија е распространето мислењето дека главна работа на МНР е да ја преставува и застапува државата, во билатералните и мултирателарните односи. И тоа е точно, но не целосно! Основна работа на секое министерство за надворешни работи е да ги брани националните интереси на државата. Ова лесно се проверува. Само една куса прошетка по веб страните на министерствата за надворешни работи во светот јасно ќе ја потврдат оваа теза. Се разбира, вордингот е различен. Некаде е јасно кажано, некаде подзакриено, но тоа е тоа. Се разбира, покрај заштитата на националните интереси, покрај преставувањето и застапувањето на државата на надворешно-политички план, дипломатските мрежи на скоро секое министерство, вршат и конзуларни работи, но и ја промовираат својата држава како економска и култрна дестинација. Нешто што за воља на вистината го работи и македонското.
Прашањето зошто заштитата на македонските нацинални интереси не е примарно задолжение на МНР, не е едноставно. Исто како и прашањето зошто Република Македонија нема тело задолжено за прашањата од националната безбедност кои се во функција на заштита на националните интереси. Советот за национална безбедност, со кој раководи претседателот на државата, е недоволен за справување се сите предизвици со кои, во 21 век, се сочува и ќе се соочува Македонија. Тој е уставна категорија, реагира ад хок. Носи политички одлуки. Предизвикот со кои се соочува Македонија, по прашањето на заштитата на националните интереси, е во недостатокот на катадневното оперативно координирање на активностите на сите државни органи. Најдобар пример за постоењето на оваа „дупка“ во системот е прашањето за именувањето на директорот на Агенцијата за разузнавање, но и нејзиното место во системот на националната безбедност. Таа по редот на работите треба да е под капата на министерството за надворешни работи. Сите министерства за надворешни работи во светот и сите национални известителни агенции во заштитата на националните интереси работат заеднички и координирано. Само Македонија е исклучок. Од едноставна причина! Ако македонското МНР нема јасна обврска да ги штити националните интереси на државата, тогаш не му ни треба заедничка работа со агенцијата за разузнавање.
Во контекст на ова прашање, потребно е да се укаже на еден момент. Имено, голем број на политичари во Македонија зборуваат за заштита на националните интереси. Самото министерство, исто така, во свои изјави зборува за национални интереси. Тоа е јасен сигнал дека постои „инстинктивно“ чувство за ова прашање. Проблем е што употребата на зборовите „национален“ и „интерес“ понекогаш е погрешна, а понекогаш непрецизна. И тоа е сосема разбирливо! Ниту една влада, ниту еден претседател, ниту една политичка партија, не покренала иниијатива за прецизно дефинирање на македонските национални интереси и нивно ставање на хартија. Македонското МНР не може да работи на нешто што не е дефинирано и не му е дадено во надлежност. При ова треба да се укаже и на можноста секоја, па и актуелната влада, може да дефинира и артикулира прашања од национален интерес. Слабоста на ваквиот чекор е немањето на општ консензус, а со тоа и немањето на долгорочна конзистентност. Сепак, подобро е да се има нешто, отколку ништо.
Дефинираните национални интереси на скоро сите држави, во светот, се горе долу исти. Најчесто под нив се подразбира заштита на територијалниот интегритет и суверенитет на државата, нејзин непрекинат просперитет и заштита и подобрување на благосостојба на нацијата. Последната теоретска дефиниција за национален интерес ја дава Gordon de Brower, во 2020 година, кој вели: „…националниот интерес има три компоненти – безбедност, просперитет и социјална благосостојба… Сите тие се важни. Уште повеќе тие меѓу себе се зајакнуваат. Безбедноста го потикнува просперитетот, просперитетот создава сила и плаќа за безбедноста, а добро функционирачкото општество ги намалува економските и социјалните ризици…“. Кон нив секоја држава додава прашања кои се нејзина специфика. Во случајот со Македонија, тоа евентуално би можело да биде заштита на македонската историја и култура, како и јазикот. Малите нации, Исланд на пример, имаат и свои институт за заштита на малите јазици. Респектирањето на реалноста од постоење на национални малцинства, како и етнички заедници, побарува при дефинирањето на националните интереси да се води сметка за внатрешниот баланс во согласност со уставот. Само и само на тој начин, преку дефинирање на националните интереси, ќе можат да се дефинираат и прашањата поврзани со националната безбедност. Прашања кои нацијата ги артикулира и кои не можат да бидат предмет на преговори. Ваквиот приод ќе овозможи и во јавноста да се стекне јасна престава дека и прашањата како членството во НАТО или во Европската Унија, не е македонски национален интерес. Тоа е во функција на остварување на македонските национални интереси, во моментов. Велика Британија влезе во Унијата кога тоа го наложуваа нејзините национални интереи. Излезе, исто така, кога тоа го наложија тие интереси.
За да постои национален интерес треба да има свест и грижа за нацијата. За жал, во Македонија, се помалку се зборува за македонската нација. Со самото тоа, несвесно, се девалвира македонската нација. Држава без нација не постои. Исто како што не постои нација без држава. Цареви сме да ги искривиме работите! Само во Македонија, може да се слушне глупоста наречена мултиетничко општество, наместо нација. Не постои општество во светот кое не е мултиетничко, освен племенските. По што македонското општество се разликува од албанското, бугарското или српското? По ништо! Само таму тоа никој не го потенцира. И нема потреба! Секој и малку писмен човек знае дека општоприфатена вистина не се потенцира. Но ние не би биле ние, доколку не направиме и чекор понатаму. Нема ден, а да не чуеме дека македонската држава била мултиетничка. Ова е најверојатно нов македонски придонес кон светската теорија за државата. Државата е збир на интитуции преку кои нацијата ги штити и проектира своите интереси. Да, има држави кои се федерални или конфедерални, каде живеат повеќе нации, национални малцинства или етнички заедници, но тоа не се користи за да се етикетира државата. Несвесно, во јавните обраќања се користат термини кои всушност се девалвација на личноста која ги користи.
Република Македонија е држава-нација на сите нејзини граѓани. Поголемиот дел од нив се идентификуваат со тој факт. Други едноставно одбиваат тоа да го прифатат. Не сакаат да се помират со судбината наметната од големите сили. И тоа е нивно право. Граѓаните-припадници на нацијата, преку државата, се грижат за заштита и унапредување и на нивните индивидуални и колективни права. Тоа во овој момент не е спорно. Напротив, унапредувањата на правата на групите кои не сакаат да се идентификуваат со нацијата, требе да се искористи за нивно привлекување, кон нацијата. Тоа е еден од примарните интереси на Република Македонија. На виделина повторно излага „националниот интерес“. Од него нема бегање. Тој не е измислен од теоретичарите. Тој е во самата суштина на државата-нација.
Предизвиците со кои ќе се соочува Македонија, не дозволуваат ова прашање да остане незатворено. На македонското МНР, но и на другите министерства треба да им се дадат јасни насоки и овластувања за делување. Уште повеќе дефинирањето на македонските национални интереси, ќе го отвори патот и за изготвување на национална стратегија за безбедност. Документ, без кој во новиот мултиполарен свет само ќе лутаме. И најважно, документ кој ќе овозможи МНР и остатантите државни органи да се реструктуираат согласно потребите за заштита на националните интереси. Кажано поинаку, нацијата има потреба од нов и модерен систем на национална безбедност.
Автор: Јован Донев за НетПрес