Сенатот тесно го потврди Пит Хегсет за министер за одбрана на САД

Питер Брајана „Пит“ Хегсет во петокот со тесно мнозинство беше потврден за нов министер за одбрана на САД, што е голема победа за претседателот Доналд Трамп по жестокото противење на демократите, па дури и на некои републиканци за кандидатурата на Хегсет.

Педесет сенатори гласаа за Хегсет за министер, додека педесет гласаа против. Бидејќи гласањето беше изедначено, исходот требаше да го одлучи потпретседателот ЏејДи Венс, кој преовлада во полза на Хегсет.

Четириесет ичетиригодишниот Хегсет, поранешен водител на телевизиската мрежа Fox News и одликуван ветеран, ветува големи промени во Пентагон.

Откако беше објавена неговата кандидатура, критичарите ги доведуваат во прашање неговите квалификации за оваа работа, укажуваа на наводната проблематична природа на неговиот темперамент, како и неговите минати ставови за жените во борбените единици.

За време на процесот на одобрување за неговата кандидатура, се појавија низа обвинувања против Хегсет. На пример, неговата поранешна снаа рече дека Хегсет ја малтретирал својата втора сопруга, што Хегсет го негираше, додека неговата сопруга претходно негираше какво и да е физичко малтретирање.

Хегсет е обвинет и за прекумерно консумирање алкохол и финансиско лошо управување во организациите на ветераните. Тој вети дека ќе се воздржи од алкохол доколку биде потврден како министер и призна грешки во финансиското управување, но негираше дека сторил нешто лошо.

Сите демократски сенатори гласаа против кандидатурата на Хегсет, како и тројца републикански сенатори. Меѓу нив е и Мич Меконел, кој до овој месец беше лидер на републиканците во Сенатот.

Ова беше само вторпат во историјата за кандидат за министерско место да се одлучува со гласање на потпретседателот. Тоа првпат се случи во 2017 година кога Бетси ДеВос стана секретар за образование во администрацијата на Трамп.