Откако денеска и официјално беше означен предвремен крај на сезоната во АБА кошаркарската конкуренција, попладнево од лигата излегоа со официјално соопштение, во кое се наведени и деталите за тоа како ќе изгледа следната сезона во двете АБА натпреварувања.
Според соопштението објавено попладнево, екипата на МЗТ Скопје Аеродром и следната сезона останува во АБА 2 лигата. Собранието на регионалната лига денеска одлучи АБА лигата за сезоната 2020/2021 да се прошири на 14 екипи, од кои 12 остануваат од оваа сезона (Будуќност Воли, Цедевита Олимпија, Цибона, Црвена звезда мтс, ФМП, Игокеа, Копер Приморска, Крка, Мега Бемак, Морнар, Партизан НИС и Задар), а две екипи ќе се приклучат од АБА 2 лигата, односно најдобрите два тима од оваа сезона до прекинот на лигата, Борац и Сплит, кои добиваат т.н. „вајлд-карта“ за учество во лигата.
Следната сезона во АБА 2 лигата останува со 12 клуба. Сите шест земји кои фигурираат во АБА конкуренцијата (Македонија, БиХ, Хрватска, Црна Гора, Србија и Словенија) ќе дадат по два преставника. Во случај некои земји да не пријават по два клуба, празните места ќе се пополнуваат со специјални покани.