Адеми во Динамо игра веќе 12 години, капитен и лидер е на тимот, иако имаше пех со двегодишната суспензија за допинг за која не беше виновен, а бомбастично дојде веста дека тој прифатил да игра за Македонија, нешто што алфата и омега на „модрите“, Здравко Мамиќ не можеше да му го прости на Нико Ковач, кој не го избра фудбалерот за врска за репрезентацијата.
И после тоа Адеми заигра за Македонија, првиот меч после суспензијата му беше во македонскиот дрес, емотивно и со гол, а без него средниот ред е незамислив, настапуваше и повреден во клучните мечеви за настапот на првото големо натпреварување, играше на Еуро 2020, дел е од селекцијата која дојде на чекор за СП со историски најдобриот квалификациски циклус, со победи против Германија и Италија.
„Како дете често одев во Македонија и кога дојде повик немав проблем да го прифатам и да играм за македонската репрезентација. И никогаш не зажалив што го одбрав тој пат, зашто на крајот се покажа како супер, дека за мене тоа беше правиот пат. Знам дека често се бара виновник за тоа што не заиграв за Хрватска, но…“, вели Адеми, кој неделава е главна вест во хрватскиот фубал откако го реши дербито за титула со Риека.
Во Хрватска веќе го избраа за еден од десетмината најголеми фудбалери во последните 50 години, веќе се води дебата дали е најдобриот фудбалер во историјата на Динамо покрај еден куп легенди на „модрите“ и не зашто е технички подобар, туку само поради карактерот, лидерството и фактот дека во „модерната ера“ реткост е да најдете фудбалер кој нема да потрча по милионите во странство и предизвикот да игра во некој гигант.
„Не може човек да скрие дека секоја пофалба и секој комплимент му годи, ама тешко ми е сам за себе да зборувам, посебно што сѐ уште сум играч на Динамо, а јас уште многу имам да му дадам на Динамо. Кога еден ден ќе завршам со фудбалот, веројатно од временска дистанца полесно ќе проценам некои работи. Јас знам дека неблагодарно е да се споредуваат разни генерации во фудбалот, порано сѐ играше технички фудбал, денеска се бара физички беспрекорни играчи. Но, секоја генерација или секој тим има некоја своја посебност. И ако мене ме прашате, најдобар фудбалер на Динамо е Милсав Оршиќ“, додава сромниот Адеми.
Тој потенцира дека нема проблем кариерата да ја заврши на „Максимир“, зашто детскиот сон веќе го исполнил да игра за Динамо, а веќе влезе во четвртата деценија и досега одби низа богати понуди, како таа пред неполни две години од Саудиска Арабија, а поизгледно е да остане во Динамо одошто да си замине.
„Сѐ што преживеав со суспензијата многу влијаеше на моја дополнителна приврзаност кој Динамо, Јас од дете навивам за Динамо, уште додека бев дел од Шибеник, мене ми беше сон да играм на ‘Максимир’, а сега сум тука и уживам. Во најтешките моменти само сфатив колку луѓето во Динамо ме ценат и колку ми помогнаа во најтешките моменти, во таа незавидна ситуација. А, за трансфер, тешко е да се предвиди. Може да се случи, може и не. Мене во Динамо ми е одлично и јас не би се бунел да останам до крај на кариера“, заврши Адеми.