Адеми вели дека клучна е меѓуинституционалната соработка особено со Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести и дека очекува и посакува наставата да се организира со физичко присуство
Поранешниот министер за образование и наука, Арбер Адеми во гостување на ТВ24 вели дека останува на ставот дека учебната година треба да биде со физичко присуство на учениците.
„Секако дека останувам на тој став и уште тогаш како министер реков дека организирање и реализирање на учебната година со физичко присуство нема замена и треба храбар чекор да преземеме во овој правец и да очекувме кои ќе бидат предизвиците од организирање на наставата со физичко присуство“, рече адеми.
Во овој период, вели дека меѓуинституционалната соработка е клучна особено со Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести и дека очекува и посакува наставата да се организира со физичко присуство.
Додаде дека Министерството за образование и наука е една од најтешките институции за раководење и затоа и посака среќа на неговата наследничка Мила Царовска.
„Министерството за образование и наука, ова од искуство и од денешната перспектива го велам, е една од најсложните и најкомплексните институции за раководење, имајќи ги во предвид многубројните проблеми и предизвици со кои се соочуваме. На колешката Царовска и посакувам се најдобро, иако знам дека особено во вакви околности со пандемија и со онлајн учење уште повеќе ќе имаме проблеми“, рече Адеми.