Интегрално соопштение од „Адора Инженеринг“:
Сакаме да потенцираме дека уште на 18.08.2022 година првично од страна на ЕСМ до Адора Инженеринг беше испратено Барање за доставување понуда за купопродажба на топланите Исток и Запад. Адора Инженеринг во најдобар интерес на граѓаните е многу јасна и транспарентна во одговорот дека е согласна со ова барање и сме подготвени доколку ги наплатиме побарувањата од изминатиот период, кој што законски ни следуваат, да го продадеме имотот по истата цена по која што го купивме. Секако сакаме сите процедури транспарентно да се спроведат во согласност со законските прописи.
Изгледите за постигнување на Договор само за закуп доколку нема јасна интенција за купопродажба во овој момент е енормно штетен за Адора Инженеринг, односно дополнително на досегашните загуби, би ја ставал компанијата во загуба од над 550 000 евра секоја година.
Доколку не се постигне договор за закуп и купопродажба, единствен пат до обезбедување на парно греење за град Скопје е БЕГ во деловно-техничка соработка со ЕСМ да продолжи бесправно да го користи имотот во сопственост на Адора Инженеринг, што е директна повреда на правото на сопственост.
Адора инженеринг, како и досега, останува до крај кооперативна во интерес на граѓаните и разговорите, меѓутоа мора да сме децидни дека во овие светски кризни времиња мораме да носиме разумни одлуки за нашата компанија.