Редици од граѓани коишто поради кризата предизвикана од епидемијата од коранвирусот пороследена со низа рестриктивни мерки во средата ја преплавија Агенцијата за вработување во Скопје.
Граѓани кои деновиве добиле отказ од претпријатијата во коишто работеле, сега се пријавуваат како невработени, но некои тврдат дека им било одбиено барањето за помош којашто ја вети Владата, со образложение дека не им следувала.
Од другата страна во Агенцијата за вработување е редот каде бизнисмените чекаат да пријават нов вработен или, пак, да одјават работници од својата фирма. И покрај отпуштањата од работа, никој не сакал јавно да зборува зошто се делат откази, но имаше и такви кои соопштија дека вработуваат нови лица во ова кризно време.
Телевизијата Алсат дојде до податок дека во март и во првите денови од април повеќе од 20.000 вработени останале без работа. Најмногу откази се делат во Скопје. Од Агенцијата која има надлежност за вработување и одјавување на вработени не ја потврдија или дематираа оваа инфомација, туку се прогласиле за ненадлежни за овој податок. Наспроти тоа, тие не бележат драстични промени во пријавите и одјавите на работните места. АВРМ наместо податоци, за бројка нè упати во Државниот завод за статистика, од каде нѝ рекоа дека и тие не се надлежни. За време на корона кризата затворени се сите угостителски објекти и поголемиот дел од услужните дејности.
Од Угостителската комора во вторникот соопштија дека нема да ги користат владините мерки бидејќи немаат никаква помош од дражват, како и дека се принудени да ги отпуштат вработени и порачаа државата да ги пренамени средствата одредени за угостителите на отпуштените вработени од овој сектор, чијашто бројка се проценува на најмалку 15.000 луѓе.
Истовремено директорот на трудовиот инспекторат Алајдин Хавзиу само им порача на работниците да не потпишуваат откази, но не објасни како претпријатијата ќе ги исплаќаат во тој случај платите и придонесите кога не остваруваат никакви приходи. Владата претходно тврдеше дека со помош од минимална плата ќе ги зачуваат работните места на 250.000 работници.