Коментирајќи ја работата на меѓудржавата комисија за утврдување на можноста за заедничко одбележување на настани и личности од историјата, Академик Камбовски во интервју за Слободен печат смета дека е направена голема грешка што во преден план се пуштени историски теми кои биле дискутабилни и ќе останат како такви уште долго време.
Тој смета дека е беспредметно за идентитетот да се преговара. Во однос на толкувањето на историјата Камбовски вели дека „мора да дозволите можност дека постои „софиска школа“ и дека постои еднакво вредна „македонска школа“ на толкувања“.
Оттаму Академик Камбовски вели дека би било невиден преседан доколку Унијата ги прифати барањата на Бугарија.
Ви го пренесуваме интервјуто со Академик Владо Камбовски што го направи новинарката Весна Тодоровска.
Господине Камбовски по речиси цела година денеска во Скопје се сретна мешовитата македонско – бугарска комисија за историски прашања. Резултатите од овие средби ми се чини дека секогаш се завиткани во мистерија. Се добива впечаток дека бугарските историчари се поотворени за своите медиуми, па отаде Пирин планина ни пристигнуваат вести за тоа каде „запнале“. Дали вие како член на македонска академија на науките и уметностите сте информрани за текот на овие разговори?
-И ние овде во Академијата немаме никакви информации, се информираме од вас медиумите. Порано имаше идеја македонската и бугарската академија да ги координираат средбите и да учествуваат во усогласувањето на ставовите. Но, таа идеја не заживеа. Би било добро двете академии активно да се вклучат, за да можат да се влијаат на поусогласен пристап, бидејќи Договорот со Грција, или пак, Договорот со Бугарија не се еднонасочни договори кои се фокусирани само на прашањата од историјата. Тие се сеопфатни договори кои опфаќаат научна и економска соработка, но и соработка меѓу високообразовните и кулутурните институции. Тоа се условите за добрососедство.
Но, еве веќе втора година преговараат историчари?
– Според мене, направена е голема грешка што во преден план се пуштени историски теми кои биле дискутабилни и ќе останат како такви уште долго време. Потребна е една широка програма за соработка која ќе ги покрие сите подрачја кои се наведени во договорите и се услов за добрососедство. Тие програми за одредени подрачја ќе придонесуваат да се создава клима на доверба и пријателство, бидејќи без таква клима и некои најситни научни спорови можат да се драматизираат и до стигнат до рамниште „да се биде“ или „да не се биде“.
Од историски прашања, Бугарија почна да бара Македонците да се откажат и од македонскиот идентитет и македонскиот јазик. Како понатаму?
-Никогаш, ниту со меѓународни договори, ниту со билатерални договори, или, пак, кои и да се други инструменти, не може да се влезе во чувствителните прашања на националниот идентитет. Тоа е прашање на самоопределување, кое постои како идентитетско самоопределување или, не постои. Но, тоа е работа на самиот народ. Со ниеден договор, конвенција или политика не може да се загрози, да се наруши или ограничи тоа право. Беспредметно е прашања за идентитетот да се сметаат за прашања за кои може да се преговара. Тука спаѓаат сите идентитетски обележја од јазик, традиции, митови, религија, колективната меморија која ја изразува посебноста на еден народ или било која друга група.
Што се случува кога немате таква широка соработка за која зборувата, а во исто време Бугарија од Македонија очекува големи отстапки во името на европската иднина на земјава?
– Кога не развивате сестрана соработка во полињата како што се науката, културата, економијата, спортот, образованието, тогаш паѓате во замката која можат да ја искористат одредени политички структури кои ќе се обидат да влијаат во разгорувањето на меѓусебните недоразбирања или нетрпеливост, за да извлечат одредена корист за себе. Ниту една историска група не може да ги расчистува прашањата за националниот идентитет и јазик, тоа се апсолутни принципи за кои нема разговори и преговори. Како можам јас да преговарам дали сум Македонец?
Целото интевју може да проследите ОВДЕ.