Алпинизам, планински, бањски, транзитен – најперспективни видови туризам во Македонија

туризам

Како што велат од Здружението за угостителство и туризам при Стопанската комора, доходовни можат да бидат и конгресниот, спортскиот и рекреативниот туризам.

Кај нас моментно доминираат езерскиот и градскиот туризам со фокус на Скопје како културна дестинација. Но, согласно перспективите и можностите, планинскиот, бањскиот и транзитниот туризам се клучни и државата треба да се фокусира на нив зашто расположливите потенцијали во овој сегмент се големи, а не се доволно искористени, истакнува заменик-претседателот на Здружението Славе Сирачевски.

Македонија има пет до шест бањи кои биле активни во минатото, но сега, посочува Сирачевски, дел од нив се оставени на забот на времето.

Кежовица во Штип е целосно руинирана, топлите води на Бања кај Кочани се користат за наводнување оранжерии, Катлановска бања инвестираше во модернизација, но се користи главно за лекување, не и за класичен туризам, Дебарски бањи имаат вложено многу, но инфраструктурата за да се стигне дотаму е исклучително лоша, а и Негорски бањи и Цар Самоил се користат единствено за лекување, нагласува заменик-претседателот на Здружението.

Во однос на транзитниот туризам, укажува, не е изграден ниту еден хотел по должината на Коридорот 10 или на други патни правци низ земјата каде минуваат странски гости. – Нема ресторан, преножувалиште, мотел,…, нема услови за одмор, ниту има менувачница некаде по патот, вели Сирачевски.

Додава дека Солунска Глава и Кораб се само некои од атрактивните врвови, а во Македонија има повеќе од 20 со над 2.000 метри надморска висина.

Има услови, но не е развиен ниту ловниот туризам иако Јасен е одлична можност за тоа. Македонија не го разви на задоволително ниво и религиозниот туризам како Србија и Романија на пример кои се посветени на него многу. До Кокино, колку и да е значајно, се уште нема пристапен пат, нема ресторан, тоалет, соодветна реклама, оценува Сирачевски.

Ако земјава сака и има цел да ги оствари проекциите дефинирани во Стратегијата до 2021 година – туризмот да учествува со пет отсто во БДП, најпрво, сугерира Здружението, треба да се зголеми соработката меѓу државните институции и бизнис секторот во насока на заедничко креирање на политиките, да се спречи нелојалната конкуренција од т.н. „човек агенции“ и да се подигне свеста за хигиената како еден од основните постулати за развој на туризмот.