Алтернатива бара ново одложување на учебната година поради многу недостатоци

На денот кога треба да започне учебната година, Алтернатива забележува дека училиштата и наставниот процес ги чека нов неуспех, се вели во партиското соопштение.

„На денот кога повеќето ученици треба да почнат со онлајн настава, над 40 илјади ученици немаат опрема за ваква настава, училиштата во нашата земја немаат интернет, наставниците немаат персонални компјутери, а учениците и родителите се збунети за тоа што претставува овој тип на импровизирано учење и тие сé повеќе се убедуваат дека државата се однесува несериозно со иднината на своите граѓани. Ако им кажете на децата и родителите ‘снајдете се како што можете, бидејќи за вас немаме ниту интернет, ниту компјутери‘, без да го земете предвид физичкиот простор каде треба да се следи онлајн наставата, ова е знак дека и почетокот на оваа учебна година ќе пропадне. Ова и фактот дека во нашата земја има зголемување на бројот на лицата заразени со вирусот ковид-19 нè убедува дека оваа влада нема капацитет да се справи ниту со пандемијата и нема потенцијал да произведе решенија за непречено одвивање на наставниот процес. Затоа, АлтернАтивА смета дека учебната година треба да започне само кога ќе имаме услови за настава со физичко присуство и намален потенцијал од инфекција. Тука додаваме дека нашата цел е ваквата настава да почне што е можно побрзо, но судејќи според слабите перформансии на оваа влада, оваа работа ќе трае долго и неизбежно ќе има рефлексија и во успехот на учениците, но и во иднината на општеството во целина“, наведено е во соопштението.

Партијата го повикува министерот за образование и наука да го одложи почетокот на учебната година, така што кога ќе започне наставата, ова да биде процес каде секој ученик ќе го ужива правото на образование и каде нема да има импровизација.

„Притоа го повикуваме и министерот за здравство да биде почувствителен кон децата и да не дозволува, од политички причини, да ги жртвува децата и нивните семејства“, се вели во соопштението.