Американски функционер во историска посета на Тајван, Кина испрати борбени авиони

Функционер на американската администрација во понеделникот ја фалеше тајванската демократија и успехот на властите на островот во борбата на коронавирусот на средбата со оваа земја непризнаета во Обединетите нации, во текот на историската посета којашто Кина ја прогласи за закана по мирот.

Американскиот министер за здравство Алекс Азар престојува во тридневна посета на Тајпеј, што е највисоко рангирана посета на некој американски функционер од 1979 година, кога Вашингтон наместо Тајван ја призна Кина, којашто островот го смета за своја одметната покраина. Пекинг упорно настојува дека еден ден островот ќе биде присоединет кон матицата.

Посетата на Азар доаѓа во период кога односите меѓу САД и Кина се влошуваат, во кој двете земји се судираат околу низа прашања, од трговите, преку воените и безбедносните прашања во регионот, до пандемијата на коронаворусот. Пред најавата на посетата Кина остро реагираше со осуда и повика таа да биде откажана.

Азар во понеделникот претпладнето се сретна со тајванската претседателка Тцаи Инг-вен, која се залага за признавање на островот како суверена држава и која има отворено непријателски односи кон властите во Пекинг.

„Реакцијата на Тајван на коронавирусот беше меѓу најуспешните во светот и тоа претставува призание за отворената, транспарентна, демократска природа на тајванското општество и културата“, изјави Азар на средбата со претседателката Тцаи.

Тајванската челничка се заблагодари на американската поддршка во настојувањето на островот да биде дел од Светската здравствена организација (СЗО – WHO). Меѓутоа, Кина го блокира остварувањето на овие настојувања.

„Политичките сметки никогаш не смеат да бидат поважни од правото на здравје“, рече Тцаи додавајќи дека „многу жали“ поради кинеското блокирање на Тајван во СЗО.

Американскиот министер притоа ги отфрли критиките од Пекинг поради неговата посета на Тајпеј.

„Пораката на американската влада што ја носаме е за потврда на длабокото партнерство на САД и Тајван во поглед на безбедноста, трговијата, здравствената грижа и заедничките вредности на демократијата, економските слободи и слободата“, изјави Азар за новинарите пред средбата со Тцаи.

Тајван многу успешно се справи со епидемијата на коронавирусот поради успешното следење на контактите и строгите гранични контроли, и досега регустрирал помалку од 500 заразени и седум починати од Covid-19. Во САД демократите, пак, го критикуваат републиканскиот претедател Доналд Трамп дека ги критикува Кина и СЗО за прикривање на првите податоци за пандемијата, за да го свртел вниманието од одговорот на неговата администрација на коронавирусот.

Најмногу оружје Тајван увезува од САД, но Вашингтон историски е претпазлив во поглед на официјалните средби со оваа непризнаета земја. САД на Тајван редовно испраќаат трговски претставници, а не планира испраќање функционери од безбедносната сфера, што се смета за црвена линија.

Кинеското воено воздухопловство накусо во понеделникот ја минало линијата на средината на Тајванскиот теснец, објави владата во Тајпеј. Кина ги повтори заканите со одмазда поради посетата и испрати во областа борбени авиони од типовите „Ј-11“ и „Ј-10“, на тајванската страна од теснецот околу 9 часот по локално време, непосредно пред закажаната средба на Тџаи со Азар.

 

Односи Кина – Тајван

Официјалните односи меѓу централната влада во Пекинг и властите во Тајпеј се прекинати во 1949 година, кога силите на Куомитангот, предводени од генералот Чанг Кај-шек, поразени во граѓанската војна со Кинеската комунистичка партија, се префрлија на островот Тајван. До 1971 година, кинеското место во ОН го заземаше Република Кина (Тајван), а до денес ја признаваат само 14 членки на ОН, како и Ватикан, како најзначаен меѓународен субјект кој одржува службени дипломатски односи со Тајван. Државите не може да имаат официјални односи истовремено со Кина и со Тајван, како што беше случајот со Македонија кон крајот на 1990-те и почетокот на 2000-те години.

Пекинг ги критикува односите на другите земји со Тајван, кој го гледа како своја покраина. Кинеските власти редовно протестираат и бараат од Вашингтон цврсто придржување на политиката на „една Кина“, а Тајван го сметаат за своја одментната покраина. Кинеските власти постојано остро ги критикуваат американските планови за вооружување на тајванската армија.

Деловните и неформалните контакти меѓу Тајван и континентална Кина беа обновени кон крајот на 1980-те години. Од почетокот на 1990-те години, пак, двете страни почнаа да комуницираат преку невладини органиации: пекиншката Асоцијација за развој на односите преку Тајванскиот теснец и Фондацијата за размена преку теснецот во Тајпеј. Пекинг, меѓутоа, не се откажува од обединувањето на Тајван со Кина, при што не ја исклучува ниту употребата на сила.