Американскиот министер за одбрана во ненадејна посета во Ирак на 20-годишнината од инвазијата

Американскиот министер за одбрана Лојд Остин во вторникот ненајавено пристигна во посета во Ирак во посета за којашто американските власти велат дека целта е да демонстрира дека Вашингтон е доследен во одржувањето на својата воена присутност во оваа блискоисточна земја, речиси 20 години откако САД со инвазија под изговор за наводно поседување оружје за масовно уништување го соборија дотогашниот нивен сојузник ирачкиот диктатор Садам Хусеин.

Во инвазијата започната во 2003 година загинаа стотици илјади деца и уште стотици илјади ирачки цивили, и доведе до нестабилност и јакнење на радикалните исламистички организации и неочекуваното одделување на ултрарадикалната Исламска држава од Ал Каеда и нејзин брз подем во Ирак и Сирија, но и во другите земји од Блискиот исток и пошироко кон Азија и Африка.

Министерот Лојд Остин, кој е највисокиот функционер од администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден кој го посети Ирак, беше и последниот командант на американските трупи распоредени во оваа земја.

„Тука сум за повторно да го потврдам стратешкото партнерство на САД и Ирак додека напредуваме кон посигурен, постабилен и посуверен Ирак“, рече Остин

Шефот на американски Пентагон ова го изјави додека шиитското мнозинство во Ирак ја јакне поврзаноста со соседен Иран а изминатите години властите во Багдад беа седиште на командниот центар предводен од Русија против тероризмот во регионот и се свртија дури и кон купување руско вооружување по откажувањата на испораките од САД.

САД во моментов во Ирак имаат 2.500 војници и уште 900 во соседна Сирија каде ги експлоатираат најбогатите сириски нафтени наоѓалишта. Нивната функција сега во Ирак е советодавна и Вашингтон одбива да ги повлече иако во 2017 година прогласи победа и уништување на Исламска држава.

„Она што (Ирачаните) ќе го слушнат од него е доследноста во задржувањето на присутноста на нашите сили, но не станува збор само за воениот елемент. САД се заинтересирани за стратешко партнерство со владата на Ирак“, изјавил за Reuters висок функционер на американското министерство за одбрана кој зборувал под услов да остане анонимен.

Исламската држава ја загуби некогашната моќ, но во делови од северен Ирак и североисточна Сирија и натаму дејствуваат нејзини ќелии. Владата во Дамаск и руската воена команда во Сирија обвинуваат дека во четирите бази кои во североисточниот дел од земјата ги има американската војска се обучуваат токму борци на џихадистичката Исламска држава кои се испраќаат потоа на боишта во други региони во светот.

Посетата на Остин треба да има симболика во поддршка на ирачкиот премиер Мохамед ал-Судани да даде отпор на големото иранско влијание во земјата во којашто најмалку 60 отсто од населението го сочинуваат шиитските муслимани.

Поучени од лошото минато, токму шиитското мнозинство се организираше во паравоени милиции кои имаат поддршка од политички партии во Ирак и од Иран и неколкупати ракетираа американски бази и амбасадата во Багдад. Во 2020 година десетици американски војници беа повредени во ракетен напад, за кој се велеше тогаш дека е најавен, од страна на Иран како одговор на американското убиство со дрон во јануари истата година на меѓународниот аеродром во Багдад беше убиен влијателниот ирански генерал Касим Солејмани. Тогаш САД и Иран беа на самиот раб од директна војна.

„Мислам дека ирачките челници го споделуваат нашиот интерес Ирак да не стане сцена на суди меѓу САД и Иран“, додал американскиот функционер.

Остин ќе се состане со Судани, како и со челникот на автономниот курдски регион Ирачки Курдистан, Начирван Барзани, за да го разреши долгиот спор околу поделбата на приходите од нафтата меѓу владата во Ирак и курдската покраинска влада.