Американскиот регулатор отвори истрага против BMW

Американската Комисија за хартии од вредност и берзи (SEC) отворила истрага против германскиот произведувач на возила BMW поради контроверзните продажни практики со кои се штелуваат податоците за бројот продадени автомобили, известуваат во вторникот американските медиуми.

Според информациите на весникот The Wall Street Journal, службениците на SEC ги проверуваат комерцијалните практики на BMW во САД, за да се утврди дали компанијата настојува со помош на овластените трговци да ги дотера податоците за бројот на продадени автомобили.

Американските регулатори се сомневаат дека BMW со помош на трговците ги пумпал податоците за продажбата. Трговците, понекогаш, ги купуваат возилата од сопствените резерви и ги користат за изнајмување. Производителите често им нудат бонуси за таквите купувања за да им ги подобрат бројките за продадените автомобили.

„Станува збор за фиктивна продажба, имајќи предвид дека производот не е вистински продаден…“, изјавил анонимен продавач за специјализираниата интернет страница за автомобилската индустрија Automotive News.

„Од SEC нѐ контактираа и целосно ќе соработуваме во нивната истрага“, рекол портпаролот на германскиот производител за Automotive News.