Јан Коп: Преговарачката рамка е јасна, билатералните прашања не се дел од неа

Билатералните прашања не се дел од рамката. Рамката е многу јасна. Земјата треба да помине низ преговарачкиот процес и по одреден број години да влезе во Европската Унија, изјави холандскиот амбасадор во Северна Македонија, Дирк Јан Коп во интервју за телевизија Сител.

Според амбасадорот, во моментов е невозможно е да се даде одговор дали до крајот на годинава земјава ќе ги почне преговорите со ЕУ, иако, вели, јасно е овој процес каде треба да се движи и тоа е многу поважно од еден датум.

– Невозможно е да одговорам на тоа. Многу се работи во моментов, и Северна Македонија и Бугарија разговараат, тоа секогаш е добро. Германците кои во моментот го имаат претседателството работат напорно да ги обединат двете страни, дали ќе успеат е невозможно да се предвиди, но сите се уште се надеваат дека исходот ќе биде позитивен – вели Јан Коп.

Тој потсети дека и при приемот на нови земји-членки особено во големата група која стана дел од ЕУ во 2004, Полска, Унгарија, Чешка, Словенија и други, имало многу билатерални прашања што мораа да бидат решени. Прашања, како што вели, кои беа тешки и отворени многу долго време помеѓу Полска и Литванија, Италија и Словенија, Унгарија и Романија и сите велеа ова се толку тешки прашања, невозможно е да се решат, но сите беа решени, инаку не можеше да влезат во ЕУ.

– Да повторам, ова е билатерален проблем што не е дел од рамката, но јас верувам дека Северна Македонија ќе може да го реши овој проблем. Прашањето не е дали ќе има меѓувладина конференција, туку кога? Тоа ќе се случи –  дециден е Јан Коп.

Тој посочи дека постои политичка посветеност, што според него, било значајно и за добивање зелено светло во март.

– Кога ќе се одржи меѓувладината конференција не е ни толку значајно. Мислам дека премногу симболика се дава на еден датум. Она што земјава сега треба да го направи е заедно со нас да помине низ 35-те поглавја од пристапниот процес почнувајќи од поглавјата 23 и 24 за владеење на правото и правосудството. Основата е поставена. Структурата е јасна. Земјите членки на Унијата во изминатите шест месеци заедно со Комисијата ја подготвуваа преговарачката рамка. Јасно е овој процес каде треба да се движи, тоа е многу поважно од еден датум – рече амбасадорот, подвлекувајќи дека ништо не функционира во едно општество ако нема владеење на правото.