![NDI-anketa-750x430](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2020/07/NDI-anketa-750x430.jpg?resize=696%2C399&ssl=1)
Новата национална анкета на јавното мислење во Македонија на Националниот демократски институт (НДИ) спроведена пред официјалниот почеток на кампањата за парламентарните избори на 15 јули покажува дека економскиот развој е приоритет на гласачите и тие остануваат загрижени за епидемијата со ковид-19.
Од почетокот на епидемијата со ковид-19 во март, општиот впечаток на јавноста е попесимистичен, при што 44% од испитаниците велат дека земјата се движи во погрешна насока. Во претходната анкета (март 2020), 33% од испитаниците веруваа дека земјата се движи во погрешна насока. Економијата/животниот стандард воопшто, а особено вработувањето се најважни за една третина од испитаниците. Друга третина вели дека антикорупцијата и другите реформи во областа на владеењето на правото се нивен приоритет.
Скоро една четвртина вели дека ковид-19 е нивната најголема грижа.
– Анкетата го отсликува основниот континуитет на јавното чувство уште пред епидемијата со ковид-19, особено за економскиот развој и антикорупциските реформи. Гласачите аплаудираат за членството во НАТО и најавениот почеток на преговорите за членство во ЕУ, но економските и здравствените грижи кои преовладуваат ги обликуваат нивните приоритети во однос на овие избори – истакна Роберт Скот Хејзлет, директор на НДИ/Северна Македонија.
Чувствата на гласачите за двете водечки партии/коалиции – СДСМ/Беса и ВМРО-ДПНМЕ, остануваат во голема мера непроменети од почетокот на епидемијата со ковид-19, со блиски конкурентни нивоа на јавна поддршка (9% од гласачите се неопределени).
– Гласачите во Македонија точно ги знаат своите приоритети кои ќе ги одведат до гласачките кутии. При тесни избори, тие го проценуваат политичкото лидерство и партиските политики поврзани со владеењето на правото и економијата кои им се најважни – истакна Роберт Бенџамин, директор на НДИ/Централна и Источна Европа.
Речиси 7 од 10 испитаници велат дека веројатно ќе гласаат. Четириесет и еден (41) процент од сите испитаници изразуваат загриженост во врска со демократските стандарди на изборите. Четириесет и шест (46) проценти изразуваат загриженост во врска со здравствените мерки за заштита, но за голем дел нив оваа загриженост е намалена поради најавените протоколи на Министерството за здравство.
Педесет и шест (56) проценти се многу или донекаде загрижени за тоа дека ковид-19 или дезинформациите во врска со изборите можат негативно да влијаат на изборниот процес.
Чувството на јавноста е стабилно во однос на Преспанскиот договор од 2018 година, при што 58% го поддржуваат или веруваат дека бил потребен. Една третина е против договорот. Големо мнозинство, речиси 75%, го одобрува членството во НАТО и влезот во Европската Унија.
– Во еден комплексен период со тешки предизвици и можности кои ветуваат, граѓаните на Северна Македонија сакаат едно демократско лидерство кое ќе ја обедини земјата и добро владеење на правото кое ќе ги унапреди реформите – истакна Хејзлет.
НДИ ја спроведе анкетата на јавното мислење на терен, преку интервјуа лице в лице, од 12-21 јуни на национален репрезентативен примерок од 1.213 испитаници кои имаат над 18 години. Анкетата е со маргина на грешка од +/- 2,8 проценти и 95% стапка на доверба.
Истражувањето и анализата беа спроведени од страна на Тим институт и Starr Opinion Research во име на НДИ. Податоците од анкетата не го предвидуваат изборниот резултат.