Македонија е единствена земја која во услови на здравствена и економска криза ја поскапува струјата за 7,4 проценти со што директно удира врз стандардот на граѓаните. Очигледно власта глува на потребите и барањата на граѓаните.
Ова на денешниот протест против поскапувањето на струјата го истакна генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, додавајќи дека исто како Владата се однесува и Регулаторната комисија за енергетика.
РКЕ, според Јанушев, е само обична маша во рацете на власта.
-Тоа што Заев го бара од нив, тие само слепо го реализираат, а целта јасна. Да се покрие недомаќинското и расипничко работење на енергетските компании со пари од џебот на граѓаните. Затоа, ВМРО-ДПМНЕ најавува дека ќе побара надзорна расправа во Комисијата за финансирање и буџет во Собранието за поскапување на цената на електричната енергија во услови на економска криза, рече Јанушев, појаснувајќи дека партијата ќе побара да се разгледа на работа на РКЕ.
Според него, оваа Комисија не е самостоен, а уште помалку независен експертски орган. Вели дека првиот човек на РКЕ, Марко Бислимовски е член на СДСМ.