Апелација ги објави одлуките за притвор за три лица кои имаат право на жалба пред Врховниот суд

Апелациониот суд во средата ги објави одлуките со коишто на дел од обвинетите во случаите на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) им беше определен притвор, а на дел од нив им се потврдени мерките за претпазливост, односно поголем дел од нив останаа без пасоши.

Странките во постапката имаат право на жалба во рок од 24 часа по приемот на решението до Врховниот суд.

Според одлуките кои беа соопштени претходно во вторникот, притвор им е одреден на поранешниот началник на Петтата управа при Министерството за внатрешни работи, Горан Грујевски, поранешниот функционер во Управата за безбедност и контрразузнавање (УБК) а сега директор на меѓународниот центар СЕЛЕК во Романија, Тони Јакимовски, и на Никола Бошковски, исто така, вработен во Управата.

Првите притвори се одредени за случаи поврзани со прислушувањето, а во одлуките е образложено зошто Апелационите судии сметале дека Грујевски, Јакимовски и Бошковски може да ја напуштат земјата.

Горан Грујевски, Тони Јакимовски и Никола Бошковски се опфатени во предметите „Таргет“ и „Тврдина“ на СЈО. Откако кривичкиот совет во Основниот суд Скопје 1 – Скопје ги одби барањата за притвор, второстепениот суд ги уважи жалбите на обвинителството.

Патните исправи им се одземени на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, уредниците од телевизијата Сител, Драган Павловиќ Латас и Ивона Талевска, поранешниот вицепремиер за економски прашања Владимир Пешевски и други обвинети за случаите на СЈО.

Во случајот со Мијалков судот зел предвид дека неговиот работен ангажман е надвор од Македонија, односно во Чешка, а неговите егзистенцијални релации биле надвор од Македонија.

Денеска во Апелација се очекува да се одржат јавни седници за случаите „Топлик“ и „ТНТ“.