Апсења во Скопје и скопско

Скопската полиција во текот на саботата спровела неколку одделни случаи на приведувања лица, од кои тројца се малолетници, осомничени за различни кривични дела информираше во неделата Министерството за внатрешни работи.

Вчера околу 16,40 часот на подрачјето на скопската општина Кисела Вода, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода 21-годишниот А.Ќ. од Скопје, откако кај него била пронајдена и одземена марихуана.

Претходно во 4,25 часот во секото Ново село, скопско, полициски службеници од Полициската станица Ѓорче Петров лишиле од слобода тројца малолетници од Волково, скопско, од Скопје и од Ново Село поради сомнение дека сториле кривично дело по член 236 од Кривичниот законик.

Кај еден од малолетниците бил пронајден предмет кој потекнува од кривично дело „тешка кражба“. По целосно документирање на случајот против лицата ќе биде поднесена соодветна пријава.

Доцна ноќта во саботата, околу 23,50 часот во населбата Керамидница, полициски службеници од Оперативен тим потраги при СВР Скопје го лишиле од слобода А.М. на 24 години од Скопје.

Тој бил баран по две централни потерници од Основен кривичен суд Скопје и Казнено-поправната установа Затвор Скопје за доиздржување казна затвор од три години, а бил осуден на вкупно четири и пол години затворска казна за сторени кривични дела „тешка кражба“ по член 236 од Кривичниот законик. Лицето било спроведено во казнено-поправната установа за доиздржување на казната.