Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, на денешниот брифинг со новинарите рече дека нема договор со Алијансата за Албанците и Алтернативата за именување директори во јавните претпријатија. Арсовска вели дека на овие функции ќе бидат поставени квалитетни луѓе без разлика од која партија доаѓаат.
„Немаме договор со Алијансата за Албанците и Алтернативата за тоа колку претпријатија ќе добијат. Комуналните претпријатија ќе ги водат квалитетни луѓе, а не партии. За некои од нив се уште немаме имиња“, рече меѓу другото Арсовска.
Инаку, Алијансата за Албанците и Алтернативите како коалиција, на локалните избори ја поддржа Данела Арсовска за градоначалник на Скопје. По преземањето на локалната власт, Арсовска досега има именувано 6 нови директори и ниту еден од нив не доаѓа од албанските партии.