Нов ден и нов срам и катастрофа на Венко Филипче и Зоран Заев. Заради неспособноста на власта, Република Македонија и граѓаните остануваат единствени во регионот и Европа кои не знаат кога ќе се започне со вакцинација, ниту пак колку вакцини ќе добијат на располагање, рече портпаролот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
„Причината за тоа е затоа што владата не само што не набави вакцини на време, туку и затоа што не ја регистрирала вакцината на Фајзер и немала направено план за вакцинација, а пак македонската јавност тоа го дозна денеска и замислете не од нашите медиуми и политичари туку од српската премиерка Ана Брнабиќ. Иако власта се пофали дека набавила 8.000 вакцини од Србија, премиерката на Србија денеска откри дека Македонија не може да ги добие истите затоа што поентата не е само да се набават, туку и да се регистрираат, но и да се направи план етапно како ќе се спроведе вакцинацијата. Скандал од невидени размери, брука и срам. Додека сите држави се вакцинираат, власта со својата несериозност и неспособност дополнително ги загрози животите на македонските граѓани. Зоран Заев и Венко Филипче ја оставија Република Македонија и граѓаните без ниту една вакцина, а поради тоа граѓаните умираат по болници. Веќе три месеци и повеќе лажат дека набавиле вакцини од Бугарија, па потоа и од Грција, а сега и од Србија, за да на крај дознаеме дека вакцините ниту се набавени, ниту пак е регистрирана било каква вакцина за КОВИД-19 во државава, ниту има план како ќе се одвива целиот процес. Да се фокусираа повеќе на заштита на здравјето и животите на граѓаните, наместо на сопствениот ПР и промоција, можеби ќе знаеја дека вакцината треба да се регистрира и да се направи план за вакцинирање. Но, зафатени со глумење на лажен хероизам, од самиот почеток на пандемијата лажат, а жртвите на тие лаги се граѓаните кои ги губат животите, истакна Арсовски.
За ваква несериозност во најмала рака потребни се неотповикливи оставки уште веднаш, а потоа и кривична одговорност за загрозување на јавното здравје на граѓаните на Република Македонија, додаде тој.