AstraZeneca продолжи со испитувањата на вакцината против коронавирусот

Британско-шведската фармацевтска компанија „AstraZeneca“ и британскиот Универзитет Оксфорд ги продолжија клиничките испитувања на вакцината против коронавирусот, откако привремено ги запре поради болест кај еден од испитаниците, соопшти во саботата компанијата.

„Клиничките испитувања на вакцината за коронавирусот AZD1222 беа обновени во Велика Британија по добивањето на потврдата од регулаторот, Управата за контрола на лекови и медицински препарати (MHRA) дека е безбедно продолжувањето на испитувањето…. AstraZeneca и Универзитетот Оксфорд нема да откријат детална медицинска информација (за заболувањето на волонтерот)“, се наведува со соопштението на компанијата.

На 6-ти септември во сите земји беа прекинати тестирањата на препаратот за кој се смета дека е најсериозниот кандидат да стане првата безбедна и ефикасна вакција за Covid-19. Беше објавено дека ќе биде спроведена брза независна истрага за причините за заболувањето на еден од волонтерите во која ќе бидат вклучени меѓународните регулатори. Откако ситуацијата била „детално испитана“, заклучено е дека може да продолжи натамошното тестирање.

Трансверзален миелитис, односно воспалителна промена на ‘рбетниот мозок кај еден волонтер, беше причината за привременото прекинување на третата фаза од испитувањата на еден од западните фаворити за вакцина против новиот коронавирус. Универзитетот Оксфорд објави дека привремено ги прекинал тестирањата на вакцината којашто ја развива во соработка со фармацевтскиот гигант „AstraZenecа“ поради болест на еден од испитаниците во Велика Британија, односно поради тоа што имал можеби несакана реакција на вакцината. Од „AstraZenecа“ суспендирањето на тестирањата го нарекоа „рутинско“, а болеста ја опишаа како „необјаснива“. Тоа беше веќе вторпат да биде прекинато испитувањето на вакцината која ја развиваат Универзитетот Оксфорд и „AstraZenecа“ од април кога првите доброволци почнале да ја примаат вакцината.

„На сите учесници во истражувањето и учесници во тестирањата ќе им биде обезбедена целата неопходна имформација. Таа, исто така, ќе биде објавена во меѓународните клинички регистри во согласност со правилата за спроведување клинички испитувања и регулаторни стандарди… Компанијата ќе продолжи да работи со здравствените влади ширум светот“, се додава во денешното соопштение.

Претходно челникот на AstraZeneca“, Паскал Сорио, изјави дека компанијата очекува до крајот на годинава да биде познато дали вакцијата која ја развиваат е ефикасна против новиот коронавирус.

По успешните прва и втора фаза од тестирањето беа засилен и надежите дека оваа вакцина може да биде една од првите кои ќе се јават на пазарот. Третата фаза од испитувањето минатите седмици опфатила околу 30.000 испитаници во САД, Британија и во Бразил, а британско-шведската фармацевтска компанија „AstraZeneca“ на 20-ти август доби дозвола третата фаза да ја спроведе и во четири здравствени установи во Русија. Во третата фаза се потврдува ефикасноста на вакцината и нејзината безбедност, односно дали има негативни последици врз здравјето и со неа се опфаќаат илјадници испитаници и во некои случаи може да трае со години.