Атина и одговори на Тирана: Ги расветливме сите случаи, го осудуваме расизмот

Официјална Атина и одговори на Албанија во врска со последните убиства на Албанци во Грција.

Портпаролот на грчкото Министерство за надворешни работи, Александро Ѓенимата вели дека се расветлени сите случаи кои ги споменува Тирана и оти грчките власти се одлучни во сузбивањето на секаков вид криминал и го осудваат насилството и расизмот.

-Грција е европска земја каде владеењето на правото функционира ефикасно. Надлежните власти веднаш ги третираа и ги решија сите прашања споменати од албанското Министерство за надворешни работи, како што соопшти и грчката полиција. Ги осудуваме сите форми на насилство и расизам, кои може да бидат опасност по човечките животи. Обидите на албанското Министерство за надворешни работи да ги поврзе различните кривични предмети и да ги стави во отворена кампања на омраза и насилство, не се реални и се неприфатливи, наведува грчкото МНР во реакцијата.

Притоа официјална Атина повторно потсетува на убиството на Костандинос Кацифас, нагласувајќи дека очекува завршување на истрагата.

Истовремено бара од албанското Министерство за надворешни работи да биде поодговорно и поврздржано и да ја зачува ладнокрвноста, што е потребно во вакви случаи.

Албанското Министерство за надворешн работи синоќа остро реаграше, изразувајќи голема загриженост за „серијата убиства на Албанци во Грција“, наведувајќи дека за две недели се убиени четворца Албанци.

-Остро ја осудуваме позадината на екстремизмот и говорот на омраза што ги придружува овие настани во соседната земја и ги повикуваме грчките власти да ги осудат и да спречат какви било обиди на Златна зора или на други екстремистички сегменти да се закануваат на безбедноста и достоинството на Албанците кои работат и придонесуваат во соседната земја, стои меѓу другото во реакцијата.

Реакцијата следеше по убиството на Марио Исаку (18) во грчкиот град Кавала.