Разработен е протокол и препораки, кои предвидуваат PCR тестирање и здравствена помош, доколку е потребна за групата авганистански граѓани кои треба да пристигнат во земјава, изјави во саботата министерот за здравство Венко Филипче.
Карантин за овие лица нема да има, рече Филипче, бидејќи се предвидува PCR тестирање и проверка дали се вакцинирани.
„Ние не знаеме каква е точно таму ситуацијата и затоа да им се пружи здравствена помош доколку е потребна. Ќе стигнат жени и деца. Ќе дојдат гениколошки и педијатриски тимови, матични лекари за сите да видиме дали евентуално е потребна лекарска помош. На сите ќе се направи ПЦР тестирање, а невакцинираните од тие што ќе дојдат, ден или два по тестирањето ќе бидат вакцинирани. Тоа ќе се спроведе на местата, односно хотелите, каде што ќе бидат сместени“, рече Филипче.
Владата по првичните најави за прифаќање 200 лица од Авганистан, подоцна двапати ја коригираше оваа бројка и најави прифаќање на околу 650 граѓани од Авганистан, вработени и нивните жени и деца во хуманитарните мисии, активисти од организациите за човекови права, новинари, преведувачи, студенти, стипендисти како и граѓани кои изминатите 20 години биле поддршка на НАТО силите во Авганистан.
Меѓутоа, во четвртокот во телевизиско гостување премиерот Зоран Заев откри дека Македонија може да прими и повеќе од 1.800 бегалци од Авганистан.
„Нашите капацитети се во илијадници, односно 1.200, 1.800 луѓе, Албанија помеѓу 2.000 до 3000 луѓе. Ние сме со потврдени 450 луѓе, а во овие моменти додека разговараме потврдуваме нови 70 лица исто така миротворци и хуманитарци“, истакна Заев.