Јавниот долг на државата за една година се зголемил за 339 милиони евра

Јавниот долг на државава за една година се зголемил за 338,7 милиони евра, покажуваат најновите податоци на Министерството за финансии. На табелата за состојбата на јавниот долг, заклучно со крајот на минатата година, може да се види дека на крајот на 2019 тој изнесувал 5,54 милијарди евра, што е пораст за 338 милиони евра во однос на 5,2 милијарди евра колку што бил на крајот на 2018 година.

Гледано во проценти, на крајот на 2019 година долгот е 48,9 отсто од БДП, што е раст за 0,3 процентни поени во однос на 2018 година, кога бил 48,6 отсто.

Државниот долг, пак, во апсолутен износ, на крајот на 2019 бил 4,56 милијарди евра, што е раст за 212 милиони евра во однос на 2018 година, кога бил 4,34 милијарди евра.

Од Министерството за финансии, потенцираат дека државниот долг во 2019 година е намален за 0,4 процентни поени во однос на 2018 година и изнесува 40,2 отсто од БДП. Ова од причина што кога државниот долг се гледа како релативен износ, односно како процент од БДП, и во тој лучај има намалување.

Но, тој пораснал во апсолутен износ. Од ова министерство тврдат дека јавниот долг е стабилизиран и умерен, односно тој на крајот на 2019 година изнесува 48,9 отсто од БДП. Во 2016 година јавниот долг изнесувал 48,8 отсто од БДП.

Како што пренесува „Фактор“, од изјава од Финансии, за разлика од брзорастечкиот јавен долг од 2008 до 2016 година, кога истиот се удвоил од 23 отсто на 48,8 отсто од БДП, сега тој е стабилизиран. Стабилизацијата на долгот се должи на водењето на прудентна политика за јавен долг која ги таргетира компонентите кои го креираат долгот и тоа буџетскиот дефицит, преку негова консолидација и сервисирањето на старите долгови“. Според Финансии, ако порано буџетскиот дефицит достигнувал до 4 отсто од БДП, годинава тој е проектиран на 2,3 отсто, а следните две години ќе се намали на 2 отсто од БДП.